Веќе е познато дека фирмата „Тотал Инжинеринг“ во сопственост на братот на премиерот Зоран Заев – Вице Заев прави бизнис тежок 4,5 милиони евра по принципот купи-продај земјиште во Струмичката касарна на кое сега градат згради, истата оваа фирма сега добива уште еден вносен бизнис од државата, ова на денешната прес конференција го потенцираше Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ.
-Имено фирмата „Тотал Инжинеринг“, во сопственост на Вице Заев пред само две недели, или поточно на 24 април добила концесија за експлотација на минерални суровини на локација во село Дукатино, општина Василево. Оваа концесија ја добива од Владата на Зоран Заев. Значи повторно Заев му дава бизнис на Заев и на тој начин ја шират бизнис империјата како канцер во македонската економија. За да не биде до толку очигледно во јавноста, одлуката со која избира фирмата, во име на владата ја потпишува Оливер Спасовски како потпретседател. За оваа точка, ниту владата информираше, ниту ја објави во јавност, вели Јанушев.
Тој додава дека ова е одлуката на Владата на Зоран Заев донесена на 24 април 2018 година, а објавена на страна 29 во Службен весник на Република Македонија бр.78 на 2 мај.
-За да скандалот биде уште поголем Зоран Заев повторно е фатен во лага. Имено кога фирмата на неговиот брат Вице Заев, „Тотал Инжинеринг“ се доведе во корелација со скандалот каде има сомнеж за превоз на јаглен во РЕК Битола, тогаш Заев изјави дека камионите и механизацијата која припаѓа на истата таа фирма донеле одлука да ја продадат. ИСТИОТ ДЕН кога го кажа ова, во Службен Весник е објавено дека фирмата „Тотал Инженеринг“ добила концесија за ископ на глина. Премиерот Заев е повторно фатен во лага!, истакнува Јанушев.
Тој вели и дека како може да ги продале камионите и механизацијата, а истиот тој ден која ја дава оваа изјава, фирмата на неговиот брат добива уште еден вносен бизнис за ископ на глина?
-Колку милиони евра ќе тежи новиот бизнис кој пред неколку дена го доби „Тотал Инжинеринг“ – директно од владата на Зоран Заев? Уште колку бизниси добиваат Заеви во исто време, додека Зоран Заев е премиер на Република Македонија? Дали обвинителството не гледа во ова сомнеж за криминал и злоупотреба на службената позиција?!?, прашува Јанушев.