2.8 C
Skopje
Saturday, January 11, 2025

ЗА ДУЕЛОТ, МЕРЦЕДЕСОТ И КАПИТАЛОТ ШТО СЕ ЕВАКУИРА ОД МАКЕДОНИЈА

Најзабележливиот момент во синоќешниот дуел на „прва“ беше фактот, што е прв ваков после 20 години…

Морам да ги пофалам учесниците за тоа што нè поштедија од информации од типот, кој какви лекови за смирување пие и кој колку виски може да исконсумира. Нивото на разговорот беше на задоволително ниво, што се однесува до внесувањето на личен елемент во расправата.

Тука завршувам со пофалбите, бидејќи основните моменти што останаа забележани од двете „навивачки групи“ по дебатата, јасно го покажуваат и нивото на разбирливост за реалните проблеми со кои се соочува земјата.

Разбравме дека Заев лаже, кога вели дека не се возел во мерцедесот.
Разбравме исто така дека Мицкоски наместо во фарма за марихуана, инвестирал свои пари во изградба на хидроцентрали.
Разбравме дека Заев води егзибиционистички и капитулантски преговори со Грција за решавањето на проблемот со името.
Разбравме дека за Мицкоски народот е главниот капитал на нашата земја. Но да потсетам дека голем дел од тој капитал веќе се евакуираше од Македонија.

Јас не можам да разберам само едно нешто. Што е толку важно дали Заев се возел во мерцедесот? Се возел, бидејќи неговиот заден дел на телото не се разликува многу од оној на неговиот претходник. Кој бега од убаво, а „тенкот“ не да е убав, сè си има од опрема. Толку е убав што му донесе две години затвор на човекот што си го нарача.

За време на дуелот се кажаа еден куп бројки. Двајцата играчи како да сакаа да се покажат, колку добро ја разбираат економијата. Ќе имаат можност да се докажат. Едниов од двајцата- сега, а другиов… ќе видиме кога. На моменти овој другиов ми заличи на Никола Груевски: „Разбудете се  г-не Заев, јас сум тука да ви помогнам…“. Добри фори за такви кои се палат, кој колку се возел со мерцедесот. Таргет групата е таа.

Една друга таргет група на која и е јасно дека и едни и други тешко дека ќе се разделат од порочните практики на минатото. Истата таа група е свесна дека, додека кумови, снајки, шурнајки синчиња и татини ќерки влегуваат на позиции, за кои инаку има објавени транспарентни конкурси, Македонија нема да тргне напред, па макар и секоја седмица да гледаме по 3 часа „лидерски дуел“ на ТВ.

Убаво рече Заев, лидерот е лидер оти треба да преземе одговорност. Преземете одговорност господа и потрудете се да бидете на ниво и да работите за доброто на сите што останаа овде и сè уште се трудат во и за својата земја.

Покажете им дека сте „мангупи“ не само пред тв камерите, туку и во реалноста. Покажете им дека можете да работите заедно за таа земја да тргне напред ослободена од стегите на минатото. Покажете им, оти ако не го направите тоа, на сцената ќе се појават нови играчи, кои без никакви емоции ќе ви ја покажат излезната врата од театарот на македонската политика.

Автор: Атанас Величков (Батко Тане)

поврзани објави

Последни објави