Една година СДСМ, една година зголемување на сиромаштијата. Цените на дизелот од јуни минатата година до денес се покачија за над 40%. Од 46 денари за литар дизел во 2017 година, граѓаните сега плаќаат 65 денари, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
-СДСМ удри по најсиромашните. Секое домаќинство во просек плаќа 12.000 денари повеќе за дизел од лани. СДСМ не работи за граѓаните, затоа и ја покачи акцизата за 3.5 денари. Тоа предизвика директен трошок од над 40 милиони евра за граѓаните и за стопанството, а во исто време ја поттикна спиралата на раст на цените, со што трошокот за граѓаните е неколкукратно поголем. Фрапантни се бројките кои покажуваат дека со една просечна плата во јуни 2017 година се купувале 487 литри дизел, а сега да можат да се купат само 364 литри, односно 123 литри помалку. Тоа е арачот на Заев и криминалниот картел околу него. Затоа Заев и картелот ги одбиваат предлосите да се укинат акцизите и граѓаните да плаќаат поефтино гориво, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека граѓаните се соочени со вистинско ценовно цунами, шок кој е на директна штета на најсиромашните. Власта со зголемување на давачките за сиромашните го полни буџетот кој го празни Зоран Заев и картелот кој го води.
-Државата тоне во економска смисла и тоа граѓаните го чувствуваат. Се помалку производи можат да се купат со една просечна плата. Граѓаните живеат полошо и тоа секојдневно го чувствуваат. Република Македонија, не само што нема мрднато од место, на економски план, туку и е уназадена. СДСМ ја води државата кон банкрот и беспарица незабележана во македонската историја. Оваа ненародна власт мора да си замине. Нема да дозволиме државата да продолжи кон бездната. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани на Република Македонија, кои не се сложуваат со економската катастрофа која и се случува на државата на 2 јуни во 20 часот пред владата на Република Македонија да излезат и да кажат НЕ за економскиот колапс, за распродажбата на националните интереси, за заробената држава и партизираното, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.