2.8 C
Skopje
Saturday, January 11, 2025

Засукајте ги ракавите или запалете ги патиките

Ако Пиза е позната по кривата кула која е сведок на науката и уметноста од едно време, а “кабаетот” е во песочната подлога тогаш Македонија е жив споменик на кривата уметност. Едни те исти архитекти дваесет и седум години се обидуваат да ја изградат на криви темели (да не дојди до забуна иако ја менуваат бојата најголемиот дел од нив се истите ликови).
Почитувани градители, не сум сигурен дали проблемот е во вас или во вашиот надзор кој сите овие години, а и периодот пред нив ви дава грешни координати па така вашето ремек дело упорно паѓа или можеби тоа е во ваш интерес?
Затоа и не е толку чудно тоа што истиот тој надзор ја форсира врската север-југ, па воопшто немаше никаков проблем кога се работеше за продажба на накои стратешки објекти и компании во минатото, изградба на автопат, експолатација на работници и нивно омаловажување или најновите трговски размени со приватните фирми. За се друго има проблем со името, знамето, историјата, патриоти, предавници и козата на комшијата.
За момент се појавуваат и идеи за некакви сојузи…
Какви се тие сојузи на најсилата економија на која најголем адут му е евтината работна сила?
Какви се тие демократски и социјални уредувања каде што 1% се милионери, а другите преживуваат?
Какви се тие моќни држави каде што функционира само главниот град, а се друго е беда?
Ова ли го пресликувате, па ми изгледа некако познато?
Не е ни толку чудно што цело ова време немаше никаков обид за поврзување исток-запад… впрочем една железничка пруга се гради подолго од вселенска станица. За печатен медиум нема место на сталажата од “братските” таблоиди, на тв етерот кај да завртиш се само некои ѕвезди и по некој брат, а и тој мал слободен простор го зазеде најновото политичко reality show со добро спремено сценарио кое го научиле на памет, па сите среќни и задоволни…
Криви ви се темелите господа…
Се стремиме кон граѓанско општество, зарем нема иста вредност данокот кој го плаќаат граѓаните без разлика на нивната различност по било кој основ?
Зарем се потребни посебни стандарди за крводарител и неговата крв нема да го спаси животот на различниот?
Зарем куршумот на различниот има друг ефект?
Ваша должност е да започнете изградба на прави темели, вие сте сервис на граѓаните, а не по теркот на старите навики доаѓањето на власт да биде за задоволување на алчните апетити и ситната боранија.
Зарем немате грижа на совест за свотие граѓани кои заслужуваат да живеат достоинствен живот најнормален за времето и континентот каде што припаѓаат?
Зарем немате должност да ги вратите оние кои заминале да го побараат сето тоа на друго место?
Зарем сите тие неможат да учествуваат во градењето на правите темели?
Или можеби најдобро би било еднаш за секогаш да ги запалите патиките и да оставите простор на тие што имаат чесни намери и умеат да го направат тоа и ова парче земја да го постават во мозаикот во кој припаѓа.

Автор: Благојче Трајковски член на УК на ГДУ

поврзани објави

Последни објави