3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Стојанче Ангелов: Саздо не го егзекутираа Албанците, туку тројца злосторници

„СВИРЕПО УБИСТВО. Ништо помалку од ова треба да биде обвинението со кое Јавното обвинителство треба да продолжи да ги гони суровите и бездушни убијци, убијци кои безмилосно, до смрт го претепаа младиот Никола Саздовски, член на навивачката група Комити“, пишува генералот Стојанче Ангелов, на својот фејсбук профил.

„Правдата мора да биде истерана до крај. По секоја цена. Но тоа е обврска на државните институции. МВР ги пронајде убијците, двајца од нив веќе се во притвор, по третиот се трага и прашање на час е кога ќе заврши во притвор. Јавното обвинителство да обезбеди докази за преквалификување на делото во квалифицирано убиство, а Судот да ги осуди убијците со најстрога казна. За никогаш повеќе да не ни се повтори. За никогаш повеќе ниту една мајка, и ниту еден татко, да не останат без своето чедо на еден ваков суров начин, поради ваков нечовечен мотив.

На социјалните мрежи врие. Врие од тага, врие од бес, врие од омраза, врие од повици за освета. Но, да не заборавиме дека омразата раѓа нова омраза. Омразата се храни со омраза. Во овие тешки и болни моменти кога безмалку целата држава тагува по Саздо, многу е важно да разграничиме дека Саздо не го убија Албанците. Саздо го убија злосторниците Б.Б., Ј.Љ. и С.Д. Три свирепи, злобни и сурови лица, до смрт го претепаа Саздо.

Но бесот, омразата и повиците за одмазда нема да го вратат Саздо. Напротив, може да доведат до смрт на некој друг млад човек. Затоа, апелирам до сите. Денес не е ден за ширење омраза, денес не е ден за заговарање на освета. Денес е ден за жалење. Денес е ден за тага. Сите заедно да тажиме поради смрта на младиот Саздо. Да тажиме и да не заборавиме. Бидејки, време за акција има. Но не’ осветничка акција во која ќе настрадаат и други, туку, акција со која ќе ја подигнеме општествената свест. Свеста дека омразата раѓа нова омраза. Свеста дека насилството носи ново насилство.

Најискрено сочуство до семејството кое остана без своето чедо.
Убијците нека скапат во затвор.
Саздо нека почива во мир.“

поврзани објави

Последни објави