Tешки времиња надвиснаа над Македонија. Народот е ставен пред многу дилеми, крстопати, уцени, замки, планови… Кој пат да се фати? Што е најдобро за Македонците и Македонија? На овие прашања нема сериозен одговор. Се некои исти т.н. „експерти“ за се ни кажуваат – како требало. А во земјава, нели има многу институции кои со десетлетија се плаќани со народни пари, за да дадат ум на државата и народот? Кој се тие институции? Еве некои од нив: МАНУ, Институтите за национална историја, за македонски јазик и литература, Ректоратот на УКИМ, но и на другите универзитети, одделни факултети, МПЦ-ОА…, па се до Друштво на писатели, на уметници и други организации во кои што е собрана македонската интелигенција.
Тие, на граѓаните треба да излезат и да им објаснат дали договорот Заев – Ципрас е добар или лош, тие – треба да го кажат своето мислење за тоа опасно е или не преименувањето на државата. Тоа е и нивната должност, обврска пред граѓаните од чии пари се финансираат и примаат високи плати. Нам инаку не ни требаат академици и ректори за да примаат ордени, признанија и награди, а да ги нема кога на Македонија и е тешко.
Но, ниту една од споменативе институции не одговори на задачата. Лежерно си уживаат само во придобивките на своето постоење. Само по некој одговорен академик или професор поединечно кажаа по некој збор и тоа е се. Во нашата мини-анкета меѓу скопјани видливо беше огромното разочарување поради тоа.
– Сите тие си молчат и тоа сигурно ќе трае уште. А треба да се изјаснат за се. Зошто инаку постојат, ако во овие моменти не го кажуваат своето мислење, речиси е заедничко мислењето на нашите сограѓани.
Скопјани посебно се разочарани од МАНУ. Нејзиниот претседател Таки Фити прво категорично се спротивстави на целосната употреба на новото име бидејќи тоа, како што кажа, ќе значи „обезличување на Македонците“. Потоа тој целосно го смени мислењето и рече дека е „горчливо апче кое треба да се проголта“!? Академик Владо Камбовски, пак, дури за септември најави нивна расправа за Договорот, кога сигурно веќе ќе биде завршен и засега само најавениот референдум.
– Зошто не седнаа академиците на вонредна – итна седница, нека расправаат ако треба и 3 дена и нека дадат потоа образложение што заклучиле, прашува Кире Димковски.
Молчи и Институт за национална историја како целина, така што не се знае што мислат македонските историчари, освен поединци. Без став е и Ректорат на најзначајната македонска образовна институција Универзитет „Св. Кирил и Методиј“како и неговите позначајни факултети… Оценка не кажува ниту Македонска православна црква, молчат и писателите, уметниците, пеачите, посебно оние кои се прославиле со пеењето на патриотски песни, спортистите…
– Овие институции во ниту еден момент не се интелектуалниот мотор во државава. Не се на ниво на задачата да се бранители и чувари на националните интереси на нацијата и државата, со чест на поединци. Не дадоа скоро никакви стручни анализи со што би го формирале јавното мислење на народот. Таки Фити, претседателот на МАНУ ги менува своите изјави за договорот со Грција како „нечисти чорапи“. Многумина, пак, со своето опортунистичко однесување не сакаат да навлечат гнев и одмазда од ниту една политичка партија. Овие интелектуалци се најопасни и се обични „крлежи“. Целиот свој живот само ја цицаат државава, смета скопјанецот Томе Мешковски.
Слично на ова е и мислењето на скопјанката Калина Петровска.
– Тие се покажуваат како несериозни личности, духовно неписмени. Дури не се трудат барем еднаш со внимание да го прочитаат договорот бидејќи се работи за сите нас. Заслепени по некоја функциичка, паричка повеќе…. Тие имаат обврска да се изјаснат но се е тргнато по профитерство и не сакаат да си го нарушат комодитетот. Јас се срамам од нив. Ќе ги жигоса народот за навек, смета таа.
Звонко Димоски, пак, смета дека овие институции, односно, цела научна фела воопшто и не била консултирана околу фамозниот договор.
– Тие институции апсолутно треба да се изјаснат само што мене ме плаши е дека повеќето од нив се под влијание на парите што би ги зеле од власта доколку им го оправдаат договорот како позитивен иако знаат дека не е добар, вели Димоски за „Скопско ехо“.
Прочитајте повеќе на Скопско ЕХО – ОВДЕ