Ако не правиме прослава, ќе помислат дека не сакаме во НАТО. Или – ако не прославам роденден, кој би знаел дека ми е роденден?!
Македонија не само што не заслужи да прослави, Македонија е далеку од времето кога здравје од Бога би славела! Македонија ќе слави кога ќе имаме здрави дечиња, кога ќе имаме здравство во кое ќе бидеме сигурни и безбедни, здравство кое ќе ни овозможи да се лекуваме како луѓе, а не како стока, квалитетно образование, луѓе насмеани и ведри поради квалитетот на својот живот и своите најблиски. Македонија ќе слави кога ќе живее, а нема да преживува! Насмеани и среќни сега, за жал, ретко ќе сретнете по улиците!
Најдобронамерно Ви порачувам да одвоите само минута од вашето драгоцено време и да ја посетите страницата donacii.mk. Наместо да талкате по градови и села за да видите состојбата на македонскиот граѓанин, доволно е да ја отворите оваа страница и да видите колку луѓе во оваа наша мала држава, за жал, имаат потреба да се лекуваат, имаат потреба од финансиски средства, имаат потреба од ПОМОШ!
Таму ќе видите дека семејството на 14-годишниот Дарко буквално моли за донации за нивниот син кој има целосна парализа на десната нога и изнемоштена болка што се влошува и зголемува секојдневно. Таму ќе видите дека Зорица, мајка на две малолетни деца има потреба да замине на лекување бидејќи за жал боледува од рак на коскената срцевина и крвта.
Таму ќе видите дека и Ивана и малиот Никола Буковски кој има само пет и пол години поради церебрална парализа имаат потреба од донација за нивно понатамошно лекување, таму ќе видите дека некој секојдневно се буди со мислата дали денеска ќе има што да јаде или не, дали ќе има каде да преспие, таму ќе видите дека мали деца молат за ЖИВОТ, а не за прослава која во моментов ни е најмалку потребна!
Наместо да ни образложувате и да ни наметнувате прослави, подобро би било НАШИТЕ, НАРОДНИТЕ ПАРИ да ги дадете за сите наши браќа и сестри кои имаат потреба од ПОМОШ! Тогаш Премиере, ЌЕ СЛАВИМЕ!!! Тогаш Македонија ќе оди напред! Тогаш Македонија ќе биде ЕВРОПСКА!!!
Пишува: Марио Милчевски