Проблемите со блокадата на општинската сметка се надминати, платите се исплатени и сите сектори и одделенија во општината функционираат нормално и според предвидената динамика, велат од Општина Центар, реагирајќи на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Општина Центар и новото општинско раководство, предводено од градоначалникот Саша Богдановиќ, во изминатиот период расчистува стари, наследени долгови од претходните општински раководства, пред сѐ – долгови и побарувања настанати во градоначалничкиот мандат на Владимир Тодоровиќ и ВМРО-ДПМНЕ. Од 120 милиони денари наследени долгови, исплатени се 96 милиони, а во наредниот период ќе се надоместат и останатите 24 милиони денари. Кредитниот лимит на општината е многу подобар од претходно, долговите се намалуваат, а се започнуваат нови проекти согласно програмата за работа на Општина Центар“-стои во соопштението.