Најмалку 20 луѓе загинаа во два големи пожари, кои избувнаа во близина на Атина.
Во седум болници се примени повеќе од 69 повредени, многу од нив во тешка состојба, а во државата е формиран кризен штаб.
За справување со пожарот се борат повеќе од 600 пожарникари и над 300 пожарни автомобили. Се очекува денеска во грчката метропола да пристигнат 60 пожарникари од Кипар кои ќе се вклучат во гасењето на пожарите.
Грција повика на меѓународна помош за борбата со пожарите, кои уништија десетици куќи и коли и натераа туристи и локални жители да бегаат кон плажите источно од Атина, со цел да бидат спасени со чамци и бродчиња. Пожарите избувнаа во близина на туристичкиот град Кинета, а облаците од чад се проширија на 40 километри од исток. Грција е покриена со силна суша, а температурата е околу 40 степени.