Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов му упати честитка на претседателот на Кина, Си Џинпинг по повод кинеската Нова Година.
„По повод кинеската традиционална Нова година, ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во свое лично име, Вам и на пријателскиот кинески народ, да Ви упатам искрени желби за просперитет, благосостојба, мир и стабилност во Новата 2017 година. Со задоволство можам да констатирам дека севкупните односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина ги одликува искреното пријателство, заемна доверба и разбирање, изразени преку континуиран, плоден политички дијалог“, пишува Иванов.
Понатаму во честитката, Иванов истакнува и дека очекува дополнително јакнење и унапредување на соработката помеѓу Кина и Македонија.
„Истовремено, би сакал да го изразам моето искрено убедување дека и во Новата 2017 година, со заеднички заложби ќе продолжиме да го јакнеме нашето традиционално пријателство и ќе ја унапредуваме нашата добра соработка со поголем интензитет во сите полиња од заемен интерес. Дозволете ми, почитуван господине Претседателе, уште еднаш да го изразам моето длабоко почитување и да Ви упатам искрени желби за добро здравје, лична среќа и успех во Новата година“, стои на крајот од честитката.