АПМ денес излезе со соопштение по повод неуспехот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да формира влада во предвидениот рок.
„Граѓаните на Република Македонија на изборите на 11 декември 2016 година гласаа за сузбивањето на криминалот и корупцијата, владеењето на правото и независноста на судството, почитувањето и заштитата на човековите и граѓанските права, развојот на мултикултурното општество и интеркултурализмот, безкомпромисното спроведување на т.н. Препораки на Прибе и Македонија да се врати кон демократскиот развој и евро-атланските перспективи.
Поради непочитувањето на Уставот од страна на претседателот Иванов кој што му додели мандат за составување на влада на личност што немаше обезбедено парламентарно мнозинство, граѓаните и државата непотребно изгубија драгоцени 20-тина дена во процесот на конституирање на новата Влада.
Алијансата за позитивна Македонија апелира до претседателот Иванов да одговорно постапи при доделувањето на наредниот мандат за составување на Влада почитувајќи го Уставот на Република Македонија и користејќи ги искуствата од другите демократски држави во регионот и во ЕУ.
Алијансата за позитивна Македонија смета дека илузорно е да се бараат нови вонредни парламентарни избори само поради тоа што партијата што има најголем број на пратенички мандати нема коалиционен капацитет и не успеала во преговорите за составување на Влада“ стои во соопштението.