Ноќеска во 01,20 часот по почноќ избувнал пожар во нива, во атар на село Могила. Во пожарот биле опожарени околу 1500 бали со сено и слама. На местото на настанот интервенирала Територијалната противпожарна единица Битола и пожарот бил локализиран. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираат од МВР.
Во врска со овај настан до медиумите се огласи и градоначалничката на општина Могила. Во соопштението се вели дека таа како градоначалник е должна да ја извести јавноста дека ноќеска еден час по полноќ од непознати сторители беше со запаливо средство подметнат пожар со што беше запалена слама во сопственост на фамилија Гулевски со што е предизвикана материјална штета.
Додава дека и претходно, по завршувањето на локалните избори минатата година во месец декември бил подметнат пожар во кој што изгорела општинска слама која била наменета за производство на пелети за огрев. И двата случаи како што вели Гулевска биле пријавени во Секторот за внатрешни работи од Битола, од кои очекувале да ги пронајдат и санкционираат сторителите.
На крајот од соопштението таа како градоначалник на Општина Могила, ги повикува граѓаните на смиреност и да се воздржат на подгревање на тензиите, за да не дојде до ескалација на ситуацијата.
Тие како локална власт се труделе да изградат едно општество без поделби и дискриминација по било каква основа.
Ги повикува граѓаните на Општина Могила, сплотени, сите заедно да ги продолжат перспективите на нивната општина. Само преку единство може да напредуваме, и да имаме заеднички успех, вели во соопштението од градоначалничката Јасмина Гулевска.
ИЗВОР: ТВ Тера