23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

Во овие тешки времиња, да се потсетиме на Јаворов

Да не се лажеме, Пејо Јаворов е непознато име за повеќето припејд патриоти, а малиот дел од оваа група што слушнале за големиот бугарски поет и заљубеник во Македонија, побрзале да го заборават, баш поради причината што овој голем човек не се впишува во нивната набрзина склепана приказна за „крвниците Бугари“.

Овој напис е едно мало потсетување за сите, кој бил и за што се борел неразбраниот романтичар и храбар комита Јаворов.

Пејо Тотев Крачолов (со литературен псевдоним Јаворов) е роден на 1 јануари 1878 г. во бугарскиот град Чирпан. Влегува во контакт со ВМОРО во 1897 г., а од 1901 до 1902 г, го уредува нејзиниот легален весник „Дело“. Во 1902 година станува член на Врховниот Македоно-Одрински Комитет. За прв пат доаѓа во Македонија како комита во четата на војводата Михаил Чаков, во 1902 г. Во тој период се сретнува со Гоце Делчев, станува близок пријател на најголемиот син на поробена Македонија и ја пишува неговата прва биографија. Токму смртта на Гоце и некои спорови со Јане Сандански, го тераат да се повлече на кратко од револуционерното дело. Во меѓувреме ги уредува весниците на Организацијата: „Дело“, „Свобода или смърт“, „Автономия“ и „Илинден“ . Неговата прва песна „Напред“ е објавена за прв пат токму во еден од весниците на Организацијата- „Глас македонски“. Во 1904 година излегува од печат и неговата биографија на Гоце Делчев. Во 1908 година е избран за член на Задграничното представителство на ВМОРО во Софија. Во 1909 година е издадена неговата мемоарна книга за Македонија „Хајдушки копненија“ Во 1910 година ја напушта својата работа во Народната библиотека во Софија и веќе целосно му се посветува на македонското дело. Близок е со Тодор Александров и активно соработува со него.

ФОТО

 

Во 1912 година, само неколку дена по свадбата со неговата голема и фатална љубов Лора Каравелова (ќерка на бугарскиот политичар Петко Каравелов и внука на големиот бугарски револуционер Љубен Каравелов), заминува како доброволец да се бори за слободата на Македонија за време на Првата балканска војна. Јаворов влегува во Македонија со своја чета и по ослободувањето на градот Неврокоп (денес Гоце Делчев) за краток период станува негов кмет. Во 1913 година се случува најголемата трагедија во животот на големиот поет и комита. По еден од многуте скандали, што ги има со неговата Лора, таа се самоубива. Јаворов напишува кратка белешка со текст: „Мојата Лора се самоуби, јас одам по неа“. Јаворов прави неуспешен обид за самоубиство и ослепува. Целата јавност го осудува како можен убиец на неговата љубена, а единствената утеха големиот поет ја наоѓа во контактите со Тодор Александров. Во тој тежок период токму Александров му помага на Јаворов да преживее, бидејќи големиот поет нема речиси никакви примања. Пејо Јаворов се самоубива на 29 октомври 1914 година во Софија. Последното писмо што го испраќа е упатено кон Тодор Александров. Токму тоа писмо е и едно од најголемите сведоштва за тоа колкава била љубовта на Јаворов кон неговата втора мајка-Македонија.

„Драги Тодоре,

Прости ми ти, нека ми простят и всички други, че изменям на Македония. Аз умирам тук.

Ще легна при моята мила Лора.

Целувам те, дълбоко трогнат от грижите, които положи за мене през дни на големи изпитания. Благодаря за тия деветстотин лева помощ от организацията, без които отдавна бих умрял от глад, наместо от куршум, както ми приляга.

 Кажи на Македония, когато отидеш там, че нейният син (аз се считам за неин) умря в свободна България, увенчан с една най-мръсна клевета. И когато тя бъде свободна, нека един другар дойде на гроба ми и каже: “Поздрав от нашата майка мъченица – тя вече е щастлива!”

 Предай моите сърдечни поздрави на домашните си!

 

 

Горещо стискам ръцете на Христо Матов и Хр. Татарчев и Ал. Протогеров.

 Целувам те. Сбогом

Твоя Пейо“

ФОТО

 

Зошто пишувам за овој голем човек? Затоа што неговото име треба да се помни. Затоа што неговото дело треба да се продолжи. Македонија е слободна и треба да биде напредна земја и заради овој нејзин син. Кога ќе се сетите на Македонија, сетете се и на Јаворов, тој го заслужува тоа. Јаворов заслужува и нешто повеќе.  Пред извесно време зборувајќи со еден мој другар исто така голем обожувач на поетот, разменивме мислења околу идејата посмртните останки на Пејо и Лора да бидат пренесени и повторно погребани на брегот на Охридското езеро. Така големиот поет и неговата љубена Лора би нашле мир во втората најголема љубов на Јаворов- Македонија. Колку и да изгледа оваа идеја утописка или романтична, не би било лошо да се помисли за нејзино остварување.

Денеска не е време за романтичари, туку за одговорни луѓе, кои се подготвени на радикални чекори во борбата за Македонија. Борба, која треба да трае перманентно додека нашата земја не стане едно поубаво место за живеење, за сите, а не само за тие што успеале со лигавење по штабови да се докопаат до некоја функција (без разлика од ешалонот).

Македонија е нешто возвишено за Јаворов, таа е нешто возвишено и за луѓето кои ги следат идеалите на Јаворов. Тие луѓе нема да ги видите како се правдаат за некој наместен тендер или пак за злоупотреба на службена должност. Тие луѓе бараат промена на системот и отстранување на туморот што ја мори нашата Македонија. Тие луѓе ќе ги најдете меѓу вас, бидејќи како вистински конзервативци, а не само демохристијани на хартија, знаат дека силата е во народот. Силата е во сите нас, доволно е само да си поверуваме и да се разбудиме. Јас имам предлог со која песна, напишана токму од Пејо Јаворов, може да почне нашето будење…

 

 

ИЗВОР: Трибуна.мк – Автор: Атанас Величков 

поврзани објави

Последни објави