3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Браос бе Балканче, голем фраер си ти пред другарите во Скопје, а тука во Цирих си иначе бајче

Галама здраво. Сакам да споделам една моја мака која ми тежи одамна. Со сопругот овде во Швајцарија сме веќе седум години. Деца сеуште немаме, немаме уште обезбедено станбени услови и сигурни плати, се надевам во иднина ќе имам дете.

Со Игор овие години поминавме и добро и лошо, заедно, би рекла повеќе лошо, отколку добро. Во последнава година успеавме да земеме кафич под кирија и почнавме навистина добро да заработуваме. Арно ама, убаво вели нашиот народ, парите го расипуваат човекот.

Бидејки сеуште сме на почеток со бизнисот, не можеме да си дозволиме голем персонал, па така, во кафич работиме и јас и Игор. Сега веќе не можеме да доаѓаме заедно во посета на роднините во Македонија, па одиме наизменично, секогаш некој да има во дуќанот тука.

Одиме на по десет дена и се враќаме. И додека јас одам и најпримерно, одморот го користам да се видам со сите роднини, овој мојов последнава година збесна. Три пати беше долу и три пати на фејсбук гледам екцесни ситуации. Почнал да се расфрла со пари, по музики, па последно кај негов другар видов фотка како некоја танчарка им игра во близина, а Игор мафта со пари.

Значи виде малку паричка и почна да покажува чалам балканчево мое (ако продолжи вака, веќе нема да биде мое, ниту јас негова). Чекај бе фраеру, за тие пари со кои и мафташ на танчарката јас ‘рмбачам по цели денови. Како авет сум станата веќе, на чоек не личам. Или ке се скрасиш и ќе бидеш примерен како порано, или секој на своја страна, па лумпувај со танчарките твои после со вошки ко ќе снемаш пари.

А најкриво од сè ми е што кога е тука, како бајче е, слуша што ќе му кажам, се советува со мене, работи и вреден е. Поентата на моево пишување е да дадам пример како парите можат да го расипат човекот.

Мажи, немојте да им го правите ова на сопругите. Женската толеранција е голема, но кога ќе пукне жена и ко ќе рече крај, крај и ќе биде, па оди снајди се сам после. По кафани спечаленото брзо ќе летне…

Петар П

Името и презимето познати на редакцијата. Овој текст е авторски и е превземен со одобрение од редакцијата на Галама.

поврзани објави

Последни објави