Комбинатот „Југохром“ ќе добие нови три месеци забрана за работа, пренесува телевизијата „Алсат М“. Во изјава за телевизијата, директорот на институцијата Хисни Тачи рекол дека според последната контрола на инспекциите, „Југохром“ не ги исполнил условите за негово повторно стартување со производство.
Директорот на комбинатот Васко Скендеровски во својата изјава истакнал дека е свесен дека можат да добијат нова забрана за работа.
„Искрен да бидам не очекувам дека решението на Државниот инспекторат ќе биде позитивно, односно во наша полза. Мислам дека, дури и убеден сум затоа што има и други димензии во таа одлука и мислам дека повторно ќе биде констатирано неисполнување и ќе биде изречена забрана од нови 90 дена што дополнително ќе ја усложни целата состојба не само во комбинатот, туку и во целиот тамошен регион“, изјавил директорот Васко Скендеровски, а пренесува „Алсат М“.
Тој воедно побарал од Владата и Државниот инспекторат за животна средина да им ја укине забраната за работа, а како возврат ветил дека ќе се вградат филтри на фабриката.