Истече рокот за мандатарот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски да состави влада. Тоа значи дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да го врати мандатот на претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Универзитетските професори имаат различни ставови по однос на прашањето кому Иванов треба да го довери мандатот откако мандатарот Греувски не успеа да состави влада. Едни сметаат дека Ѓорге Иванов треба да го додели мандатот на партијата која има најмногу пратеници после ВМРО-ДПМНЕ, а тоа е СДСМ. Други пак велат дека, ако и по истекот на рокот, мандатарот не успее да состави влада, тој треба да го врати на Ѓорге Иванов, а тој повторно да му го довери на истиот мандатар, во случајот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.
Универзитетскиот професор и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин во изјава за „Поглед.мк“ го истакна својот став по однос на ова прашање.
„За одговор на ова прашање не е задолжително да сте правник за да дадете прецизен одговор. Согласно Чл. 90 од Уставот на Република Македонија, претседателот на РМ е должен во рок од 10 дена од конституирањето на Собранието да го додели мандатот за состав на Владата на кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието.
Во принцип тоа е победничката партија која сама или во коалиција треба во рок од 20 дена да му донесе предлог листа за состав на Владата. Тој период истече и со самиот чин што Г. Груевски не успеа да собере 61 пратеник односно мнозинство во Собранието, во предвидениот рок, тој автоматски го губи правото за состав на Владата“.
Тој додава дека сега е на ред другата политичка опција односно партијата која има најголеми изгледи да состави влада која ќе биде поддржана од собраниското мнозинство, односно СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.
„Иако тоа експлицитно не е разработено во Уставот и во правните науки постои толкувањето според принципите на индукција – дедукција односно еволутивниот или историскиот принцип на заклучување. Во 1990 во Република Македонија, претстателот Глигоров, мандатот го довери на партијата победник на изборите на чело со Љубчо Георгиевски. Тој исто како и Груевски во 2017 не успеа да создаде собраниско мнозинство и затоа потоа мандатот му беше понуден на тогашниот лидер на СКМ-ПДП, Петар Гошев. Овој начин на правно резимирање го потврдува и системичката интерпретација на правните правила“.
Според професорот Ружин, во сите демократски системи, доколку победникот на изборите не е во состојба да добие потребно мнозинство тогаш по истечениот рок, правото да располага со мандатот му се доверува на лидерот на втората по успех партија на изборите, односно како што вели самиот тој, во случајот СДСМ.
„Во Македонија ние сме далеку од владеењето на правото, додава тој, велејќи дека од Иванов може да се очекува мандатот да му го довери на друг лидер на ВМРО-ДПММНЕ и пак да поминат уште 20 дена. Сметам дека во тој период ќе расте незадоволството и кај јавното мислење, и незадоволство на ДУИ кон ВМРО ДПМНЕ но и на меѓународната заедница. Груевски не успеа да состави Влада, а тоа е само знак дека режимот на Груевски и фамилијата е пред распаѓање, било кој лек да се употреби“.
Според професорот не е исклучена можноста и Заев да го добие мандатот, иако веројатноста за такво сценарио е помала,а можно е и Иванов да поднесе оставка па да се констатира дека нема кој да му го даде мандатот на Заев, иако тој смета дека теориски и Уставниот суд исто така по логиката на нештата како замена на Горниот дом и толкувач на Уставот може да го додели мандатот, но и тоа е малку веројатна опција бидејќи со оваа институција владее ВМРО ДПМНЕ.
Можни се и извесни интерени процеси во ВМРО ДПМНЕ, но сето ова според професорот Нано Ружин се само хипотези.