16.8 C
Skopje
Wednesday, September 18, 2024

Шекеринска: Време е нашите деца да ги добијат можностите што ги имаат нивните врсници во Европа

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска е во посета на Струмица каде имаше средби со граѓаните и градоначалникот Коста Јаневски, а вечерва ќе учествува на трибина.

Таа им порача на струмичани дека е убедена во нивната поддршка на референдумот кој е патот за Македонија кон ЕУ и НАТО, бидејќи Струмица веќе ги почувствува придобивките од европската помош со кои се решаваат крупни локални прашања. Со околу 6 милиони евра од ЕУ во Струмица се гради пречистителна станица за отпадни води, со пари од ЕУ се градат соларни колектори, се вложува во заштита на струмичкото културно и природно наследство, а со влезот на Македонија во ЕУ и НАТО ние ќе и помогнеме на нашата татковина да има подобри општини, поквалитетни институции, позадоволни граѓани, поголем број и подобро платени работни места.

„Не треба да гледаме подалеку од нашите соседи и ќе видиме дека во Бугарија двојно пораснаа платите, дека во Романија двојно се намали младинската невработеност, да видиме дека во Црна Гора само во првите 6 месеци оваа година откако стана членка во НАТО повеќе од два пати се зголемија странските директни инвестиции. Кога ќе ги видиме сите овие податоци, ќе го донесеме логичниот заклучок дека членството во НАТО ќе ни ја зацврсти државата, ќе ни ги обезбеди дополнително границите, ќе ја гарантира стабилноста, а членството во ЕУ ќе им даде на македонските млади, на нашите млади и деца шанса да ги имаат истите придобивки кои ги имаат младите и децата во ЕУ – подобро образование, шанса за образование во други држави, шанса за подобра работа и шанса за подобра плата“, истакна министерката Шекеринска.

Гласот ЗА на референдумот е глас за Македонија како држава членка на НАТО, а гаранцијата на безбедноста и стабилноста на НАТО е гаранција и за инвеститорите кои сакаат безбедна и предвидлива клима за инвестирање – рече министерката и потенцираше – дали ќе ги добиеме овие гаранции зависи од секој граѓанин поединечно.

поврзани објави

Последни објави