3.8 C
Skopje
Saturday, November 30, 2024

Петар Богојески: Референдумска чума

СДСМ се чума за референдумот. Само не црна, ами бела чума. Едно зборуваат друго прават. Едно прават, друго посакуваат. Човек да остане запрепастен. Менување на тези… пермутација на ставови… неодговорен однос… конформизам… чуму ваков однос? Јасно е зошто, сакаат да создадат проблем со нешто за што највеќе ја боли македонската нација. Нешто за што највеќе ја боли меѓународната заедница. Болката на сите ни произлегува од нашиот интерес.

Нас Македонците не боли за нашата Македонија и интересот да имаме нормална просперитетна држава. Странците ги боли желбата да ја исполнат нивната агенда за зацврстување на меѓународните организации и проширување на нивното влијание. Секој за своето, но само СДСМ не знае за што. Оставија кукавичко јајце во евро-атлантското „гнездо” на Македонија. Тоа е добра стратегија, но и ние не сме наивни! Оставија јајце од кое ќе се испили вина за одлагање на европската перспектива на Македонија. За тоа секако вината ќе ја пренесат врз ВМРО ДПМНЕ, со разни аргументи, од неодлучност до русофилизам. За тоа веќе подготвуваат терен.

Резултатот е „чеканот” да удри по главата на ВМРО, а они да добијат бришан простор за воспоставување на нивната посакувана и долго сонувана „црвена диктатура”. Микс од Титовата мантра и Бранковата репутација од деведесеттите. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде виновно за се! Буквално за се! Не сме во ЕУ – ВМРО е криво… не сме во НАТО – ВМРО е криво… нема пензии – ВМРО е криво… децата ни заминаа по белиот свет – ВМРО е криво… нема плата – ВМРО е криво… и така да го одложат воспоставувањето на европски стандарди и норми во земјава, а за сметка на тоа да си обезбедат долготрајна власт. Едноставно заљубени се во „грујовизмот”. Сакаат исти да бидат!
Аргументи во оваа насока? Дека не е ова некоја празна теорија на заговор? Да, имам! Многу.

Прво СДСМ целосно ја изолираше ВМРО ДПМНЕ од решението. Ја чуваше целата опозицијата исклучена од разговорите. На тој начин го подгреваше негаторскиот став кај вмровците. Потоа без срам, комплетно ја монополизираше евро-атлантската агенда на Македонија. Чиниш само они знаат што е НАТО, што е ЕУ. Со таа монополизација, или по речникот на Прибе, со тоа киднапирање на европската агенда, СДСМ ја идентификуваше, ја обои идејата за ЕУ со себеси.

Секоја грешка на СДСМ граѓаните започнаа да ја идентификуваат како грешка на ЕУ. За секој пропуст на СДСМ, граѓаните започнаа да ја обвинуваат ЕУ. Така корупциските скандали и неефикасно работење на Владата, создаваат народно незадоволство кое се насочува против Владата, но бидејќи ја киднапираа агендата, тоа се пресликува и против ЕУ. И тука предупредивме на време. Но кој да слушне, тие се власт, нема што да слушаат опозиција. Продолжија повулгарно во пристапниот процес за полноправно членство во НАТО. Како да станува збор за општинска организација на СДСМ.

Која мајка син изгубила, ќе го најде во еден од „534-те” тимови за преговори со НАТО. Го бирократизираа пристапниот процес за НАТО до тој степен, со што директно ги дерогираа аргументите за референдумското решение. Има ли пилот? Кој е тој што Ви дозволи да констатирате година плус?!? И како јаготка на шлагот, со сиот памет започнаа партиска кампања за референдумот, со што ја обоија во партиски бои, со што сите оние кои се против СДСМ, на некој начин чувствуваат потреба да бидат против референдумот. Од глупост во глупост.

Наместо натпартиски карактер на кампањата, наместо општественици и уметници да ја водат истата, ние гледаме локални партиски активисти на партиски трибини и тоа пази – кожни фотелји на сред тревници во градски паркови. Кој е виновен за сето ова? ВМРО-ДПМНЕ се разбира. Така барем е убеден половина свет. Пак ќе прашам, има ли пилот?

За жал, за огромна жал, рамно на трагедија, ВМРО-ДПМНЕ не остана имун на ова „злосторство со умисла” на СДСМ. Влеговме во нивниот филм. Заминавме да играме наместен натпревар на нивни терен, со купени судии и нивна публика. Залетавме со „гол популизам” и „надри патриотизам” на начин на кој само ги потврдивме тезите на СДСМ, дека ВМРО ДПМНЕ е кочничар на европската перспектива на Македонија. Тука се разбира во пресрет на потребите на СДСМ секогаш излегува „старата удбашка структура” која е активна во ВМРО ДПМНЕ од самото основање на партијата.

СДСМ имаше проблем како да ги убеди македонските граѓани и меѓународната јавност во нивната вистина. Сериозен проблем, бидејќи новото раководство на партијата се отвори за комуникација и со граѓаните и со дипломатите и со новинарите. Во очај, послушниците на СДСМ и нивните газди од еден бел двор од северот над Македонија, промовираа проект “бојкотирам”.

Ја искористија македонската добродушност. Ја злоставија македонската чесност. Ја земаа душата на Македонецот, емоцијата за неправдата која ни е нанесена. Историска неправда за која на секој од нас ни крварат срцата. Сакаат Македонецот да го одвојат од Македонија. Не начекаа слаби и сиромашни, ограбени и поделени, разочарани и депресивни… не начекаа со спуштени гаќи… токму истите структури и не ограбија и не разочараа и не поделија и не осиромашија и ни ги симнаа гаќите!!! И не оставија на милост и немилост на елините. Тие злосторници, камуфлирани во најголеми патриоти, бојкотирачката агенда ја залепија на ВМРО. За историски ВМРО да биде повторно оцрнето. За ВМРО повторно да биде надвор од решението. За ВМРО повторно да биде на погрешна страна на историјата. За повторно „југословените” и нивните гавази да владеат со Македонија, како во периодот на Титовата диктатура. „Бојкот” има цел, да и го залепат на партијата и целата вина за пропаста на евро-атлантската агенда на Македонија да ја префрлат врз ВМРО и на тој начин да им обезбедат долгорочно владеење на своите југословенски чеда од СДСМ, под превезот дека само тие се Европејци и натовци…

Повторувам, старите структури на СДСМ преку “бојкотирам” ќе си обезбедат алиби за воспоставување на “црвена диктатура” во земјава, долгорочно владеење, а трајно ќе ја остави Македонија под контрола на Белград, далеку од западниот свет.

ВМРО е повеќе од ова. ВМРО е авангарда и ќе се избори Македонецот да биде свој на своето во својата Македонија. Не станува збор за квазилиберална опција, која ги напушта националните интереси, туку детекција на актуелниот предизвик за постоечки. ВМРО не може да биде на страна токму поради заштита на истите тие интереси.

Вината за евентуалната пропаст на евро-атлантската агенда во овој актуелен момент, треба да ја сноси СДСМ, а не ВМРО. Доколку таа вина е пренесена врз наш грб, тогаш неправедно ќе бидеме обвинети, тие кои најмалку сме виновни. Затоа нашата конструктивност треба да ја гледаме и низ оваа призма. СДСМ ќе каже каде бевте последниве 10 години да го затворите ова прашање.

Точно е тоа за пропуштените можности, но неприфатливо е вината за тоа да се префрла врз мене или врз сегашната генерација во ВМРО. Едноставно во тој период сме имале никакво влијание врз процесот. Ако сега имаме некое минимално, не смееме да останеме глуви, зашто после 10 години, некој повторно ќе не праша што направивте вие во тој клучен момент за Македонија во 2018 година, за сега да не дојдеме до ваква катастрофа. Тогаш сосема легитимно вината ќе легне врз наша совест. Ако погрешиме, не ќе можеме да си простиме! ВМРО не смее да погреши!

Конзервативните вредности, во кои исконски веруваме, бараат да ги запазиме македонското историско и културно наследство. Целиот свет има разбирање за нас. За тој наш исконски вмровски порив. Но нема подобар начин за тоа од промоција на македонскиот јазик како официјален на над 500 милиони Европејци.

Помладите не се сеќаваат на 2001 година. Затоа сме заборавиле што значи безбедност. Затоа се потценува значењето на НАТО. НАТО е приоритет бр. 1 за РМ. Луѓето обично не веруваат во она што не го разбираат, а доколку осетат елитизам кој ги исклучува, нивната недоверба брзо се претвара во одбојност или во омраза, имаше напишано една мудра македонска глава. Знам дека за дел од Вас е тешко ова да се разбере. Но дозволете ми мене, макар и сам на цел свет, да се борам за мојата вистина.

Верувам дека гласањето на овој референдум е храброст и патриотизам, машко преземање на одговорноста. Верувам во потребата сите да се обединиме, Македонија да ја извадиме на прав пат и веднаш после тоа, да ја испратиме во историјата оваа последна транзициска Влада. Простете за емоциите.

(авторот е докторанд на УКИМ Скопје и заменик-генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ)

ИЗВОР: Вечер

поврзани објави

Последни објави