fbpx
5.8 C
Skopje

Скопско Ехо: Дали и оваа зима ќе се правдаат дека е доцна за борба со загадувањето и ќе чекаат ново лето?

АКТУЕЛНО

Неодамнешното подолготрајно загадување на воздухот во Гази Баба на најлош начин ги потсети скопјани што повторно може да им се случи зимава. Ако отровниот воздух ни се случува среде август кога домаќинствата не ложат, кога нема многу автомобили на улиците, кога градот е испразнет заради одморите, кога нема магли… како ли ќе биде кога ќе почне зимскиот период? Одговорните од Град Скопје си го поставија ли ова прашање? Всушност дали си го одговараат? Оти веќе се нема време за прашување. Па нели уште лани во ноември Владата донесе мерки кои веќе требаше да се спроведени?

Но, скопјаните немаат чувство дека е така. Напротив, загадувањето во Г. Баба ги загрижи. Кога е можно во срцето на општината да се испуштаат толку гасови, кога со недели инспекциите не можат да откријат кој тоа го сторил, кога се виде дека не работат мерни станици… тогаш, што да се очекува со надоаѓањето на маглите, мразот, ложењето на печките?

– Како е можно да за толку време не можат да откријат кој ја загади Гази Баба. Што прават инспекциите сето ова време? Зошто веднаш не излегоа на терен кога таму чадеше неколку часа. Тогаш лесно можеше да се утврди кој загадува. Сега отпосле ќе се правдаат дека не можат да го посочат виновникот оти немаат докази. Како ли ќе ги откриваат загадувачите во текот на зимава, се прашува скопјанката Марија Петровска.

Нејзината загриженост има основ особено кога се виде дека мерниот инструмент е расипан подолго време и никому не му текнало да порача дел што ги мери токму најлошите ПМ10 честички. Не се активира ниту дронот со кој беше најавено дека ќе се „ловат“ загадувачите. Инспекцијата тргна дури по рекациите на граѓаните на социјалните мрежи… Сето тоа досега требаше да биде синхронизирано. Владата мерките ги донесе одамна.

– На хартија лани напишаа многу мерки и начини за борба против загадувањето, ама хартијата не работи, мора институциите, вработените да одработат. За жал, не гледам дека тоа го правеле или дека го прават, вели скопјанката Донка Ковачева.

Инаку со мерките против загадувањето се предвидуваше: да стартуваат ако два дена по ред се мерат концентрации над 200 микрограми ПМ10 честички на кубен метер, да се зголемат инспекциските контроли, да се ограничи работата на деловни субјекти, да се направи интервентна набавка на опрема за лична заштита од загадениот воздух, маски со филтри за прочистување… Но, сега како што пренесуваат медиумите на виделина излезе дека владината Интерсекторска група за следење на квалитетот на воздухот неодамна го одржала својот прв состанок, цели седум месеци по нејзиното формирање!?

-Бев на состанокот на групата и се изненадив кога оваа тема беше ставена под „Тековни прашања“, а на крајот беше заклучено „за петнаесетина дена да се поднесе извештај за спроведувањето на владините мерки“, вели Лазар Ѓуров, активост на „О2 коалиција за чист воздух“
Дури на тој состанок било договорено да се „подготви план“ за итна набавка на неисправни и застарени ПМ инструменти кои кој знае кога ќе бидат набавени и инсталирани, а дури сега ќе се дискутирало и за случајот Гази Баба.

– Треба да ни кажат до кај се стасани со мерките, зошто не е свикана тематска седница на Владата. Во јули рекоа дека за десет дена ќе влезе во постапка законот за категоризација на возилата според степенот на загадувањето на кои ќе им се лепат налепниците, а тоа не се случи. Зошто нема задолженија за градежништво, се уште не се набавени ниту заштитните маски за граѓаните и децата, треба да се видат филтрите по малите, средните и големите претпријатија, вели активистот Ѓуров.
И скопјанецот Дарко Радуловиќ смета дека надлежните органи неподготвено на пречекуваат зимската сезона.

– Мислам дека мерките не се спроведуваат и дека тоа генерално се однесува на сите кои беа предвидени. Не познавам мерки кога ниво на „дозволен“ лош воздух е за 100 или повеќе пати повисоко од дозволеното, потенцира овој скопјанец.

Сепак мора да се нагласи дека има и мерки кои ги превзема градот Скопје како бесплатен превоз во најзагадени денови, поскапо паркирање на Водно, повремени акции за чистење, субвенции за печки за пелети.

Лани го зголемија бројот на надлежни

Инаку, уште во септември минатата година Владата оценила дека тогашната Интересорска група не ги дала очекуваните резултати па е извршено проширување и замена на некои членови. Уште тогаш, Министерството за животна средина побарало засилен мониторинг на спроведување на пропишаните мерки и информирање на Владата за тоа. Сега, ете, приказната пак се повторува.

Има конкретни мерки од Градот Скопје

Поставувањето на нов филтер на печката и посебен режим за согорување на медицинскиот отпад во депонијата „Дрисла“ како и најавата за набавка на 30 нови автобуси на гас кои во градскиот превоз ќе се вклучат вгодина се само дел од мерките кои досега ги направи и најави Градот Скопје. Освен ова, во изминативе месеци градските власти презеле и други активности како неколку акции за чистење, садење на повеќе стотици, садници, зеленило, неколку енергетски фасади за училишта, зонско паркирање на Водно, субвенции за печки пелети и инвертери, за велосипеди, бесплатно чистење на 100 оџаци и обука за оџачари, формирање на Градски енергетски систем за парно греење, бесплатен градски превоз во најзагадени денови, нов парк во Мал Ринг…
Целиот текст може да го прочитате во бесплатниот неделник „Скопско ехо“

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -