4.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

Иванов: Местото на Македонија е во ЕУ и НАТО Алијансата

Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор, истакна претседателот Ѓорге Иванов на денешната средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, соопшти неговиот кабинет.

Тој потенцира дека уште во 2008 година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.

Македонскиот претседател притоа посочи дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион и оти во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО.

Претседателот Иванов истакна дека сите негови обврски како Врховен командант на вооружените сили во однос на одбраната се завршени и дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите-членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.

– Во таа насока, претседателот Иванов посочи дека го поддржа процесот на донесувањето на стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена, се вели во соопштението од кабинетот на македонскиот претседател.

Имајки ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, додаде претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите.

Тема на средбата беше актуелната внатреполитичка состојба во Република Македонија, за евроатлантските интеграции на земјата и за напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите.

Првиот човек на Алијансата покрај со Иванов, денеска треба да има средби и со премиерот Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, како и со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и други високи официјални претставници. Столтенберг во Собранието ќе има средба и со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По средбата на премиерот Заев и Столтенберг најавена е прес-конференција.

Покрај останатите активности и средби, генералниот секретар ќе го посети и Стајковци каде што во 2016 година војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата. Столтенберг ќе ја посети и касарната Илинден каде што ќе присуствува на показна вежба на припадниците на специјалните сили.

Во касарната Илинден предвидени се изјави за медиумите од Столтенебрег и Шекеринска.

поврзани објави

Последни објави