11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Ми треба нешто јако да ме тресне од земја, не озбилно, ми се смачи од перење, пеглање и чистење

Се омажив многу млада, на 17 години. Поточно, неполни седумнаесет, па тато мораше да оди во полиција и да дава изјава дека дозволува да се мажам. Бев лудо вљубена во момче од моето село. По цели денови бевме заедно. Не се двоевме. Тој беше баш мангупче. Не беше многу постар од мене, имаше неполни деветнаесет години.

Татко му му имаше купено кола и можете да замислите што тоа значеше во тоа време. Девојчињата паѓаа во несвест по него, а тој ме одбра мене. Не смеев да го испуштам и одлучив да се мажам!

Направивме свадба како што се правеше во тоа време, дома. Се вареше гулаш од теле, салати, пијалоци, музика. Веселба одлична. Но одма изненадување. Дента после свадбата, родителите на сопругот ни рекоја дека парите што сме ги собрале од свадба, треба да им ги дадеме нив. Бидејќи тие ни ја напрабиле свадбата и не ранат.

Млади бевме, слушавме. Додуша, јас слушам и до денешен ден, на свекрва ми не и одвраќам, а имало толку многу причини. Се родија децата, а мажот ми работеше прво како превозник, а потоа отвори и градежна фирма и почна добро да му оди.

Изградивме сопствена куќа, но тоа беше лепенка до свекрва ми. Значи повторно заедно јадевме, заедно плаќавме сметки и се останато. Тоа трае и до ден денешен. Правиме зимници, спремаме куќна слава, печекуваме гости. Како одминуваат годините, се повеќе мислам дека јас сум робинка. Ме фаќа сè поголем револт.

Децата се пораснаа, се вработија и тргнаа по свој пат. Сопругот е обземен од работата и парите. Јас седам дома и кога сега ќе погледнам наназад, гледам едно големо ништо. Единствена светла точка ми се прекрасните деца, кои ми даваа сила да издржам низ годините. Но сега чувствувам дека ми треба промена.

Немојте да ме сфатите погрешно, не ми оди веднаш паметот по некој друг. Едноставно сакам нешто да ми се случи. Нешто што ќе ме “воскресне”, ќе ме живне, ќе ме подмлади.

Бидејќи не сум престарена. Имам едвај четириесет и кусур години, животот е пред мене. Но чувствувам дека ако продолжам вака, затворена во четири зида, односно авлијата од нашиот двор, предвреме ќе остарам. Искрено се надевам дека ќе најдам нешто инвентивно да ме преокупира и нема да тргнам по пат кој би му наштетил на моето семејство. Но…

С.П.

Името и презимето познати на редакцијата. Авторски текст, не смее да се превзема и реемитува на други портали без одобрение од редакцијата на Галама.

поврзани објави

Последни објави