Либерално-демократската партија (ЛДП) по повод последните случувања на политичката сцена излезе со свој став.
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме соопштението од ЛДП испратено до јавноста и медиумите:
„Либерално-демократската партија ја изразува својата длабока загриженост по последните соопштенија произлезени од Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, со кои свесно се нанесува штета на односите помеѓу државата и западните земји-пријатели на Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ во еден ден успеа да се скара со САД, СР Германија и со ЕУ, откако без тронка срам и почит кон функцијата, безочно бараше „виновници“ за политичката криза во амбасадорите Бејли, Алтхаузер и Жбогар.
Порачуваме веднаш да престане политичкиот „лов на вештерки“ насочен кон западните земји и нивните претставници во Република Македонија и сакаме да потсетиме дека САД, Германија, заедно со членките на Европската Унија, се едни од најголемите поддржувачи на државата, од независноста до ден денес.
ЛДП сака да ја изрази својата благодарност и безрезервна поддршка кон амбасадорите кои се најдоа на удар од доскорешната владеачка гарнитура.
Порачуваме дека новата влада, од која дел ќе биде и ЛДП, посветено и уште понапорно ќе работи за остварување на Евро-атлантските интеграции, стратешките цели и определби на Република Македонија“.