-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Делегации на политички партии и здруженија оддадоа почит на ликот и делото на Гоце Делчев

Денес се одбележува 145 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, а по тој повод политичките партии одадоа почит и положија свежо цвеќе на гробот на македонскиот револуционер и еден од идеолозите на ВМРО, Гоце Делчев.

Делегации на политичките партии на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ВМРО-НП, Социјалистичката партија но и претставници на новоформираното Македонско патриотско здружение „Тврдокорни“ денес положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев, човекот кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

Делегација на СДСМ во состав Оливер Спасовски, генерален секретар на СДСМ придружуван од потпретседателката на СДСМ Фросина Ременски денеска одадоа почит на македонскиот великан Гоце Делчев.

„И по 145 години од неговото раѓање, делото на Гоце Делчев останува цврст мотив за сегашните и за идните генерации за слобода, еднаквост, правда, како темелни вредности на мирот и просперитетот на Република Македонија.

Заложбите на големиот визионер Гоце Делчев за кутлурен натпревар помеѓу народите се и наша обврска во тој дух да ја развиваме Република Македонија како дел од светот“ велат од СДСМ.

На одбележувањето на годишнината, учевствуваше и делегација на ВМРО-НП предводена од членот на ИК на ВМРО Народна партија и претседател на УМС, Дино Блажески.

„Доволно е да се држиме кон идеите на Гоце Делчев, особено во вакви тешки времиња за Македонија денеска. Тоа е од големо значење, особено кога изворната идеја на македонската револуционерна организација е девалвирана од крајност во крајност.

Делото на Гоце Делчев не само што е заборавено туку е и злоупотребено, но во последно време младите се повеќе се враќаат на изворните корени на идејата од времето на македонската револуционерна организација, а ВМРО-НП како партија тоа го прави веќе 11 години, почитувајќи ги начелата и целите на македонските револуционери“, вели претседателот на УМС на ВМРО-НП, Дино Блажески

Во делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ беше премиерот Емил Димитриев, министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска и други познати и видни личности од врвот на партијата.

На денешниот настан, свое учество имаше и новоформираното Македонско патриотско здружение „Тврдокорни“ кое положи цвеќе на гробот на идеологот на македонската револуционерна борба.

поврзани објави

Последни објави