Група пратеници од опозицијата до Собранието, непосредно пред гласањето за уставни измени, поднесоа предлог со неколку услови под кои би гласале за да се отвори постапката за уставни измени.
Текстот со нивните предлози Ви го претставуваме во целот:
„Тргнувајќи од неопходноста, стремежот и правото, македонскиот народ да си го зачува сопствениот идентитет, јазик и култура и затварањето на македонското прашање еднаш засекогаш во корист на македонскиот народ со што ќе се стави крај на сите соништа за големи држави, кои имаат за цел да го загрозат територијалниот интегритет и суверенитет на македонската држава и македонскиот народ;
Потенцирајќи ја неопходноста од градење на граѓанско општество и еднаквост на македонскиот народ и сите останати народи кои живеат во Република Македонија, доследна примена на Охридскиот рамковен договор и грижа и уважување на правата на сите заедници во нашата татковина;
Реализирајќи ја обврската за надминување на состојбата на длабока поделеност во општеството, особено длабоката поделеност на македонското национално ткиво;
Водејќи се од обврската на македонското национално единство и победувајќи ги засекогаш концептите на ваша и наша Македонија, поделбите на предавници и патриоти кои доведоа до тоа брат на брат да тргне, да се растураат семејства, судбини, и да се побели македонското национално ткиво до тој степен како да станува збор за два различни и спротиставени народи, до степен брат брата да мрази и напаѓа и македонецот да крене рака на македонецот; Живеејќи со верба Македонија да стане економски просперитетна и напредна европска демократија на слободни и рамноправни граѓани, ослободени од било каква дискриминација;
Имајќи во предвид дека е неостварливо очекувањето Република Македонија да стане полноправна членка на НАТО и ЕУ без решавање на спорот со Република Грција, а особено фактот што Република Грција нема да дозволи влез на Република Македонија во НАТО и ЕУ под уставното име, како и фактот што сите изјави на релевантните меѓународни преставници се во правец на тоа дека членството на Република Македонија во овие организации е можно само со целосна имплементација на договорот од Преспа;
Поаѓајќи од фактот што позициите на Република Македонија во преговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Република Македонија се неповратно загубени и не може да се очекува во иднина Република Македонија да се стекне со подобри позиции ниту да издејствува подобар договор од веќе потпишаниот договор од Преспа;
Ние, група пратеници со верба во Македонија и нејзината иднина, целосно свесни за историскиот момент и одговорност пред минатите, сегашните и идните генерации
ПРЕДЛАГАМЕ:
Да се пристапи во наредната, но не и конечна фаза, на дискусија по уставните амандмани, само под следните услови од чие исполнување ќе зависат и нашите идни ставови и нашата конечна поддршка за Уставните измени:
1. Прифаќање на амандман на Уставот со кој ќе се гарантира македонскиот идентитет
2. Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро-атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа
3. Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ
4. Прифаќање на иницијативата на Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев искажана на 61-та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 година, за простување во врска со настаните на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување, со формирање на собраниско тело составено од шефовите на пратеничките групи, тројца пратеници и Претседателот на Собранието на Република Македонија кои ќе изготват и предложат до Собранието план за национално помирување, во рок од 30 дена“.