Во државите од Западен Балкан со нетрпение се очекува новиот германски закон за доселување, кој ќе ја либерализира можноста за добивање вработување во Германија.
Се верува дека новиот закон уште повеќе ќе го поттикне заминувањето на луѓето од БиХ, Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија, доколку во меѓувреме бидат укинати работните визи.
Агенцијата „Анадолија“, пренесува „Спутник“, побарала од Амбасадата на Германија во БиХ информација за најавата на германските власти дека од 1 јануари 2019 година ќе биде поедноставен процесот за вработување на работници од Западен Балкан во Германија.
Најавено е дека Германија ќе донесе нов закон, па турската агенција побарала одговори на следните прашања: дали во иднина ќе биде потребно да се добијат работни дозволи, дали посебно ќе бидат нагласени профилите на занимањата кои ќе бидат опфатени со законските олеснувања, колку во текот на оваа и на минатата година биле издадени работни дозволи за работа во Германија….
„Бидејќи новиот закон за доселување е во рана фаза на расправа, ве молиме за разбирање и во моментот не можеме да зборуваме за можните ефекти на законот“ – наведено било во одговорот на Амбасадата на Германија во БиХ.
Многу граѓани на земјите од Западен Балкан, во кои и понатаму се ниски платите и има голем процент на невработени, во изминатиот период се одлучиле да заминат во земјите од Западна Европа, првенствено во Германија, за да пронајдат вработување и да обезбедат егзистенција за себе и своето семејство.