До крајов на годинава американскиот амбасадор Џес Бејли си заминува од функцијата во Македонија, а на негово место доаѓа досегашниот заменик амбасадор од Атина Мери Кејти Бирнс, дознава весникот Вечер од извори блиски до Амбасадата на САД. Досегашниот амбасадор го започна својот мандат пред четири години, а му завршува во декември, според истите извори.
Американскиот амбасадор Бејли претходно беше вршител на должноста амбасадор во Амбасадата на САД во Анкара, каде почнал во јули 2011 како заменик амбасадор. Пред тоа, тој работел во Стејт Департментот како директор на Канцеларијата за Јужна Европа, каде ги менаџирал билатералните односи со Турција, Грција и Кипар.
Засега нема најава каде амбасадорот Бејли кој е професионален дипломат од кариера ќе ја продолжи својата дипломатска активност.
Доколку се покажат како точни шпекулациите дека неговата наследничка ќе биде г-ѓа Бирнс која во Атина како заменик шеф на мисијата е од септември 2017 година. Таа има богата 24-годишна дипломатска кариера.
Нејзината претходна задача беше во мисијата на САД во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Виена, Австрија, каде што, исто така, беше заменик-шеф на мисијата од септември 2014 година. Претходно, била на позиции во Стејт Департментот за европски и евроазиски прашања, во канцеларијата на државниот секретар за јавни работи и јавна дипломатија и во Комитетот за надворешни односи на Сенатот. Работела како советник за јавни работи во Мисијата на САД во НАТО во Брисел, Белгија, од 2007-2010 година.
Од 2010-2011 година, била Виш цивилен претставник кој го надгледува управувањето и развојот во источниот дел на Авганистан, како дел од Меѓународните сили за помош во безбедноста. Таа исто така ги претставувала интересите на САД во странство во Шпанија, Боливија, Унгарија и Турција. Бирнс има добиено седум награди за “Врховна чест и заслуги” и награда за експедитивна служба од Стејт департментот на САД и две награди за заслуги за цивилна служба од Одделот за армија на САД. Таа го претставуваше Стејт Департментот како пратеник во Конгресот од Пирсон од 2002-2003 и како член на Меѓународната организација за лидерство на жени за 2012-2013 година.
Во дипломатските кругови Бирнс важи за одличен познавач на гео-политичките состојби во регионот, и одлично е запознаена и со процесот на преговори за името со Грција.
Инаку Бејли ќе остане запаментен по контроверзната изјава која ја даде пред да дојде во Македонија со која ги поткрена и тензиите откако на сослушувањето во американскиот Сенат изјави дека во земјава живееле мнозинство Словени и малцинство Албанци. Бејли во текот на неговиот мандат одигра клучна улога во сите важни историски настани.
Извор: Вечер