Игра мачка и глушец. Кривичниот суд и денеска неуспешно се обиде да му достави на поранешниот премиер Никола Груевски одлука дека мора веднаш да се јави во затворот Шутка. Иако судскиот курир е упорен и неколку пати повторно бил во домот на екс-премиерот, не успеал лично на рака да му го даде документот со образложение дека сите молби да го одложи одењето во Шутка му се одбиени, известува ТВ Алсат-М.
Судот доцна попладнето во петокот донесе решение со кое молбите на Груевски да не оди во притвор ги одби. Истиот ден курирот се обиде да го достави решението. Но, како и денеска, обидите беа не успешни. Одговорот на неговата сопруга бил дека Никола не е дома.
Инаку истражниот затвор Шутка веќе испрати известување до Кривчен дека осудениот Никола Груевски не се јавил на 8 – ми ноември на затворската капија. Од скопска единица посочуваат дека доколку денеска не го најдат поранешниот премиер, од утре останува опцијата да почнат да го бараат со полиција. Освен оваа можност, не се исклучува ниту опцијата решението на кривичниот совет, Груевски да го добие во среда за кога има закажано судење за случајот „Титаник“ кој се однесува за изборни нерегуларности.
Првично екс-премиерот доби упатен акт за да ја отслужи затворската казна од две години за набавката на блиндираниот мерцедес на 8 – ми ноември. Роковите за жалби го пролонгираа датумот, а финално судот во петокот му ги одби сите молби за одлагање и донесе решение со кое тој мора веднаш да оди во Шутка откако ќе го прими документот. Сепак поради тоа што курирската служба не работи за викенд, Груевски ќари два дена без да биде баран. Тој паралено со молбите да не оди во затвор, поднесе и жалба до Врховниот суд од кој бара вонредно да ја преиспита одлуката на судијката Добрила Кацарска. Сепак, ваквиот вонреден правен лек не може да го одложи неговото заминување во затвор, но евентуалното укинување може набрзо да го извади оттаму и судењето да почне од почеток.
На Никола Груевски му се губи секаква трага од петокот откако кривичниот совет ги одби неговите жалби. Каде е тој не знаат ниту неговите адвокати. Не активен е и на социјалните мрежи. Последниот фејсбук статус го напишал на 6 – ти ноември со цитат од хрватскиот писател, Иво Андриќ – „Беден е оној кој мора некого да понижи за да се издигне себе си…“
Извор: Алсат-М