Дали руското државјанство е вашата иднина?
Руските власти во последниве години работат на тоа процесот за поднесување барање за руско државјанство да стане што полесно. Посебен статус имаат поранешните државјани на СССР, луѓето што зборуваат руски, инвеститорите, висококвалификувани професионалци и талентирани млади луѓе. На почетокот на март претседателот Владимир Путин изјави дека државата е подготвена на секој можен начин да им го олесни престојот на странските студенти, меѓу другото и со тоа што ќе им помогне да добијат руско државјанство.
Значи, што е потребно за да добиете државјанство? Пред поднесувањето на барањето мора да престојувате барем пет години на територијата на земјата, да зборувате руски, да ги знаете основните историски настани и да дадете заклетва за верност на Русија.
Колку луѓе сакаат пасош и зошто?
Според Министерството за внатрешни работи на Русија, во 2017 година дури 265.319 странски државјани добиле руско државјанство, во просек месечно околу 22.000 лица. Тоа е благ пораст во однос на 2016 година.
Последниве неколку години интернационалните ѕвезди и спортисти (да го споменеме само американскиот актер Стивен Сигал и бразилскиот фудбалер Марија Фернандес) добиваат руски пасоши. Некои тоа го имаат направено од љубов кон Русија, додека други бараат нови можности за продолжување на кариерата. Се чини дека тоа е популарен мотив и за обичните луѓе.
„Избрав земја во која можам да се преселам по завршувањето на студиите и максимално да ги искористам своите способности“, вели една млада жена од Литванија, објаснувајќи зошто решила да поднесе барање за руско државјанство. Европските земји не ми се привлечни поради локалниот менталитет, а и животот во нив е прилично скап“.
Една девојка од Украина која студира кинески јазик, исто така смета дека Русија нуди повеќе можности за професионален развој, како и многу отворени луѓе.
„Кога сум во Москва опкружена сум со луѓе кои се поуспешни, попаметни и поактивни од мене и тоа ме мотивира да се развивам. Знам дека во Москва ќе најдам работа што е поврзана со Кина“, вели таа.
„Се преселив од економски причини“, вели еден Французин кој поднесува барање за руско државјанство, а живее во градот Кунгур во Пермскиот крај веќе пет години. „Повеќе не можев да ја поднесам Франција… За мене таму немаше работа, јас сум пилот на балони, а во Лил, каде живеев има сè помалку и помалку туристи… Во Кунгур луѓето се пољубезни и поактивни. И клубот на луѓето што сакаат воздушни балони е пожив“.
Задолжителна проверка за знаење на јазикот
Пред поднесување на барање за руско државјанство, од странскиот државјанин обично се бара да добие привремена дозвола за престој.
За сите кои бараат руско државјанство се преименуваат следниве барања:
– Лицето мора на територијата на Русија да престојува најмалку пет години од моментот на добивање на дозволата за престој.
– Лицето мора да има законски извор на приходи.
– Лицето мора да се откаже од своето постојно државјанство.
– Лицето не смее да има криминално досие и мора да ги почитува законите на земјата.
– Лицето мора да зборува руски.
Покрај тоа потребна е медицинска потврда за здравствената состојба која се добива во одобрен медицински центар.
За дозвола за привремен престој мора да се докаже знаење на рускиот јазик, историјата и на руските закони. За државјанство пет години подоцна повторно следува детална проверка на знаењето на руски јазик.
Некои кандидати можат да бидат ослободени од ваков испит: државјани на Белорусија, лица со инвалидитет, малолетници, мажи постари од 65 и жени постари од 60 години, висококвалификувани стручњаци и членовите на нивните семејства, како и оние кои можат да докажат извонредно познавање на рускиот јазик.
Прочитајте повеќе на следниот линк ОВДЕ