14.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Анализа: Како Груевски стигна до прегратката на Орбан?

Поранешниот македонски премиер и шефот на унгарската влада долги години негуваа блиски односи. Бегството на Груевски најверојатно било организирано од Орбан, а можно е да соработувале и српските власти, пишува Дојче Веле.

Доколку му се верува на неговиот Фејсбук-статус, Никола Груевски наместо да седи во затворска келија веројатно веќе ужива во Будимпешта.

Но, како успеал Груевски да стигне до унгарска територија? Тоа е првото прашање што се наметнува откако експремиерот самиот преку Фејсбук се пофали дека стасал до Будимпешта од каде, како што вели, „ќе ѝ остане верен на каузата на Македонија“. Груевски не поседува македонски пасош од јули 2017 година, кога на барање на СЈО му беше одземен од судот како обвинет во случајот „Титаник“.

Без патна исправа, единствената можност за Груевски би била да ја премине македонската граница преку нелегален граничен премин.

Првата опција во таков случај би била Србија. Груевски негуваше блиски односи со Александар Вучиќ, актуелниот српски претседател, уште од периодот додека беа колеги на премиерските функции. Српските власти денеска молчат во однос на шпекулациите дека Груевски преку нивна територија стигнал до Унгарија. Во телефонски разговор од српската полиција љубезно нѐ замолија прашањата на оваа тема да ги испратиме преку електронска пошта, но одговор не добивме.

Сценариото за бегството на Груевски, во случај навистина да пребегнал преку Србија, би можело да се одвива на следниот начин: со автомобил преминување на македонската граница на некој нелегален премин, а потоа со знаење или дури и придружба на српските власти до некој од српските аеродроми или директно до унгарската граница.

Таквото сценарио би било тешко изводливо без знаење на највисоките кругови во српската политика.

До Будимпешта, Груевски би пристигнал со автомобил, со премиерскиот авион на Виктор Орбан или со приватните летала на некој од нему блиските олигарси, од некој од српските аеродроми.

Малку е веројатно дека Груевски и унгарската граница ја минал на „див“ граничен премин, затоа што таа е масовно обезбедувана од почетокот на бегалската криза. Оттука и претпоставката дека границата ја преминал легално со амин на унгарските власти, или ја прелетал.

Клучната охридска средба

Врските на Груевски и Орбан беа многу блиски и срдечни, особено од почетокот на бегалската криза во 2015 година. Орбан беше редовен гостин и на митинзите на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ во неколку предизборни кампањи во Македонија, а унгарската влада донираше бодликава жица и помагаше при нејзиното поставување на границата со Грција.

Последната средба на двајцата се случи на 28 септември 2017 година. Никола Груевски го пречека Виктор Орбан во Охрид на неколку недели пред локалните избори во земјата. Двајцата политичари разговараа околу три часа, по што Орбан, со приватен авион се врати во Унгарија.

Целата анализа на – ДОЈЧЕ ВЕЛЕ.

поврзани објави

Последни објави