И Миле Јанакиески и Кирил Божиновски планирале бегство на ист начин како и Никола Груевски и поради овие причини СЈО побарало мерка притвор. Ова денес на судењето за „Титаник“ обвинителката Лиле Стефанова, пренесува МКД.МК
Специјалната обвинителка пред судот истакна дека СЈО вчера добило сознанија дека и овие двајца обвинети планираат бегство на ист начин и дополни дека ако сознанија бидат добиени и за други обвинети лица, СЈО и за нив ќе бара притвор. За осудениот бегалец Стефанова побара од судот да му се суди во отсуство, оти, како што рече, постапката не може да биде раздвоена, бидејќи Груевски е организаторот на целата криминална група.
„Не само Груевски, кој на очиглед на целата јавност и сите институции побегна, туку и Јанакиески и Божиновски планирале бегство на ист начин. СЈО бараше притвор уште кога го поднесе обвинението, истакнувајќи дека постои опасност од бегство. Но, судот тогаш одлучи на обвинетите да им определи поблаги мерки. Во обвинението за изборните нерегуларности не постои дејствие кое е извршено, а да не е обвинет Никола Груевски. Сите докази се докази во целина и не е целисходно да се раздвои постапката. Затоа бараме на Груевски да му се суди во отсуство“, рече обвинителката Стефанова.
Извор: МКД.МК