Додека ние работиме како стока за да се прехраниме, тој со милионите, без влакно да му фали – избега од државата
Што е всушност чесноста? Каков е тој човек за кој поголем број од луѓето кои го опкружуваат, сметаат дека е чесен? А
Најчесто, ние обичните граѓани навлегуваме во длабоки дискусии и расправии за тоа кој од нашите политичари бил почесен, кој повеќе придонел за општото добро на државата и народот, кој помалку украл, кој всушност успеал да направи нешто добро за ова парче земја.
Во тие дискусии често навлегуваме во конфликт со самите наши блиски пријатели или роднини, без разлика на тоа каде го водиме разговорот, дали на кафе-муабет, на некоја слава каде што се формираат два табори, или пак на улица.
И така зборувајќи за таа чесност, но и враќајќи се назад кон минатото и присетувајќи се на тие вербални конфликти и надмудрувања за тоа кој е почесен, од денешна перспектива, се каам што всушност сум се обидувал да убедам некого од нив да верува во моето мислење, или пак обратно, се каам што сум се обидувал да им докажам дека тие не биле во право.
Зошто?
Бидејќи разбрав едно почитувани мои Македонци, Албанци, Турци, Бугари, Срби, Власи, Роми или какви и да живеете во оваа нашата напатена земја.
Чесен човек во политиката немало, нема и нема да има никогаш!
Чесните луѓе се меѓу нас, меѓу оние кои секојдневно на разноразни начини се трудиме да обезбедиме парче леб и еден нормален живот за нашето семејство, за нашите деца, внуци, браќа и сестри.
Ние, кои денот го започнуваме со утринско кафе кое ни е единственото нешто во коешто уживаме се до 17 часот, се до оној момент до кога сме робови во сопствената држава.
Сега некој ќе каже – ова е премногу песимистичко размислување. Но, НЕ! Ова е вистината! Ние сме робови во сопствената држава!
Ние дозволиме пет шест луѓе во државата, 28 години да не манипулираат, да не влечат за уши кога ќе им текне дека треба да си ги исполнат нивните политички апетити, кога ќе им притребаме како еден вид топовско месо.
Најдобар пример за тоа е господинот Никола Груевски. Човекот 11 години владееше со државата, беше нејзин прв човек, беше првиот татко, човекот од кого сите ние очекувавме подобар живот, имавме надеж дека токму неговата генерација се оние луѓе кои ќе ни донесат поквалитетен живот и подобра економска благосостојба.
После неговиот пад, Груевски постојано се повикуваше на „народот“, дека народот е тој кој ќе одлучи, народот ќе ја земе судбината во свои раце (дури ми заличуваше на Бранко Црвенковски од неговите времиња).
Наеднаш кога му згусти, наместо да биде храбар и да покаже дека не ги користел на празно револуционерите, војводите и комитите во неговите говори, тој реши да ја кидне од државава како најголемата кукавица.
И додека тој ја кидна од државата, многу наши млади се уште останаа да ја бараат перспективата овде во нашата Македонија. Во истата таа Македонија во која се е партизирано, во која никој од крупните политички риби не покажа одговорност, не покажа доблест да ја признае својата вина, а од која за жал направија милијарди евра, токму на маката на обичниот граѓанин.
Она пак што е најжално, ги гледам оние гревови на неговиот личен профил кои му велат да се држи, да остане силен и храбар каков што бил, дека Македонија ќе победела и што ли уште не…
Прво. Не може да остане силен човек кој при првиот момент кога се нашол пред отслужување на казна од државата од која направил милиони, се решил да избега како најголема кукавица.
Второ. „Држи се“. Па зарем е тешко да се држиш надвор од Шутка, со многу многу заработени пари во минатото? Не би рекол!
Тие кои што треба да се држат се граѓаните на Република Македонија, НИЕ, кои сме принудени да работиме секојдневно и целодневно за да обезбедиме минимална плата со која ќе можеме да си ги платиме сметките и да ги нахраниме нашите деца!
Затоа ќе ја завршам мислата со овие зборови: Сиромавиот секогаш плаќа два пати!
А Никола Груевски? Тој може да учи што е чест и морал од дедо Милорад кој беше казнет со 12. 000 денари за продавање копириви и 20 марули на пазар, или пак од оној кој украде 150 ќебапчиња и за нив беше осуден на три години затвор. Тие се раздолжија кон државата иако незаслужено беа санкционирани. Кога ќе се раздолжи Никола?
Пишува: Бранко Димитровски