На сајтот на унгарската служба за имиграција, стои дека барателот за азил ќе биде интервјуиран за време на постапката со помош на преведувач. За време на интервјуто од Груевски ќе се бара да изложи детали за причините за бегство, околностите за пристигнување во Унгарија и да презентира било какви докази за поткрепа на неговото барање. Во постапката за азил, унгарските служби можат да донесат одлука да му доделат статус на бегалец или да ја прекинат постапкат, пренесува Канал 5 телевизија.
Во постапката за азил може да се донесе одлука за: Доделување статус на бегалец, доделување на супсидијарна заштита, доделување на привремена заштита, со што на барателот на азил му се овозможува привремено да остане во Унгарија, одбивање на апликацијата во целост, прекинување на постаката.
Доколку пријавата за азил биде одбиена, подносителот нема право за престој во Унгарија и според унгарските закони ќе биде протеран. Доколку пак добие меѓународна заштита односно статус на бегалец, ќе му се даде право на престој во Унгарија. Тамошните органи доколку одлучат можат и да ја забрзаат постапката и во рок од 15 дена да одлучат за барањето на апликантот. Експертите велат дека додека трае постапката за азил, екс премиерот не може да биде екстрадиран во земјава.
Груевски до унгарските служби треба во дадениот рок да испорача докази за неговото барање и зошто бара азил во Унгарија, вели Буџаковски. Доколку тој добие азил во Унгарија, во тој случај можно е да се бара трансфер на казнената постапка од Македонија во Унгарија.
Екс премиерот Груевски вчера по неколку дневна неизвесност на социјалните мрежи објави дека е во Унгарија, каде побарал азил бидејќи стравувал за својот живот. По него е распишана меѓународна потерница за издржување на 2 годишна казна затвор за случајот Тенк, која додека трае процедурата за азил е без правна важност.