3.8 C
Skopje
Friday, November 29, 2024

УНИЦЕФ: Се отстрануваат бариерите децата со попреченост да го заземат местото во општеството

Новото истражување на УНИЦЕФ за знаењата, ставовите и практиките на јавноста кон децата со попреченост покажува дека е постигнат неверојатен напредок во отстранувањето на бариерите во ставовите кои ги спречуваат децата со попреченост да го заземат своето заслужено место во општеството. Речиси сите анкетирани сега сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познајник, соученик и другар на деца со попреченост. Сѐ поголем број граѓани редовно комуницираат со деца со попреченост и сметаат дека тие треба да учат во редовните училишта, заедно со нивните врсници.

-Стигмата честопати постои поради сознанија изградени врз стереотипи. Немањето информации, заблудите, изолацијата и сегрегацијата ги одржуваат ваквите стереотипи – па најдобар начин за решавање на стигмата е да се прекинат стереотипите, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Резултатите од истражувањето покажале дека кога на децата со попреченост ќе им се дадат можности да ги покажат своите способности, општеството може да ја надмине стигмата која ги спречува децата со попречност да се вклучат и да учествуваат во општеството“.

Истражувањето направено годинава било споредувано со резултати од истражување спроведено на почетокот од 2014 година. Меѓу двете истражувања се реализирала кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ која поттикнала дискусија за стигмата кон лицата со попреченост.

Резултатите покажале дека годинава 62 проценти потврдиле дека познаваат дете со попреченост и дека имаат почести контакти со него, за разлика од 2014 година кога 45 проценти се изјасниле дека познаваат вакво дете. Повеќе од 90 отсто сметаат дека е прифатливо нивното дете да биде сосед, познајник, соученик и другар на деца со попреченост, што не било случај во 2014 година, кога во просек 32 проценти сметале дека е прифатливо нивното дете да биде соученик на дете со попреченост.

-Јасно мнозинство – 86 проценти годинава во споредба со 58 проценти во 2014 година разбираат дека општеството и околината треба да се прилагодат за да одговорат на потребите на децата со попреченост – пристап втемелен во Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, дека многумина или 73 отсто веруваат дека инклузивното образование им користи како на децата со попреченост, така и на децата без попреченост, така што придонесува за подобрување на социјалните вештини, толеранцијата и почитувањето на различностите, се вели во соопштението од УНИЦЕФ.

Нивното истражување покажало и дека постои шесткратно зголемување – од 4 проценти (2014) на 24 проценти (2018) – во бројот на луѓе кои веруваат дека најдобар пристап кон образованието на децата со попреченост е да одат во редовни училишта и да учествуваат во редовна настава заедно со своите врсници без попреченост, како и дека иако другите ја поддржуваат идејата децата со попреченост да одат во редовни училишта, 18 отсто сметаат дека тие треба да одат на посебни часови со врсниците; а 22 проценти сметаат дека треба да има одвоени паралелки. Бројот на лица кои веруваат дека децата со попреченост треба да посетуваат специјални училишта се намалил од 48 проценти (2014) на 31 процент (2018).

-Позитивните промени во знаењата, ставовите и практиките во општеството треба да бидат проследени со забрзано спроведување на политики и програми за претворање на инклузијата во реалност за десетици илјади деца и возрасни со попреченост во земјата, вели Перкс, и додава дека е уведен оти дека ова ќе покрене демократски барања за поголема инклузија и дека ќе ја забрза имплементацијата на системските реформи кои се во тек, за да се обезбеди секое дете да ја добие поддршката што му треба да оди на училиште со своите врсници, да добие здравствени и социјални услуги, и за да се стави крај на исклучувањето, изолацијата и институционализацијата на децата со попреченост.

„Последователното истражување за знаењата, ставовите и практиките кон инклузијата на децата со попреченост“ било спроведено како дел од пошироката програма поддржана од УНИЦЕФ за унапредување на правата на децата со попреченост, исто така поддржано од регионалниот проект „Заштита на децата од насилство и промовирање социјална инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“ поддржан и финансиран од ЕУ и УНИЦЕФ

поврзани објави

Последни објави