Ќе има линија на експресен воз Белград – Солун, но само во периодот од 15 јуни до 16 септември. Од друга страна пак, Скопје – Белград како линија нема да постои, оти управата на Железници смета дека нема многу заинтересирани патници, и покрај тоа што дури 12 автобуси дневно патуваат на оваа релација, пренесува Скопско Ехо.
Што се однесува до домашниот сообраќај, меѓу Скопје и Гевгелија ќе сообраќаат само два пара возови, со поаѓање од метрополата во 6:25 и 16:55 часот. За време на летото ќе се воведе и трет кој ќе поаѓа од Скопје во во 4:45 часот. Како и во изминатата година, кон Кочани и Кичево во 2019 година ќе сообраќаат само по еден пар возови дневно. На релацијата од Скопје кон Кичево ќе поаѓа патнички воз во 17:15 часот, додека од Скопје кон Кочани сообраќа воз во 16:40 часот. Меѓу Скопје и Куманово сообраќаат само 4 пара возови дневно, и тоа во 3:57, 6:25, 16:25 и 19:00 часот, а во летниот период ќе има поаѓање и од 22:19 часот.
Меѓу една од причините за кратењето на патувањето на возовите е и бројката со која излезе Државниот завод за статистика, а тоа е дека во првите шест месеци од 2018 година, со воз се превезени „само 280 000 патници во внатрешниот и во меѓународниот железнички сообраќај“.
Извор: Скопско Ехо.