Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ – едноставните зборови на големиот великан на Македонската национална борба за самостојност кој починал на денешен ден, Даме Груев, денес болат повеќе од било кога друг пат. И потсетуваат дека време е, го почна своето обраќање ВД претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ Јован Јаулески на денешната 27 Годишна конференција на младината на партијата.
-Многу премрежја, многу случувања, многу предизвици изминатава година. Ама и покрај сите вакви работи, 27 години опстоивме како УМС и сме се посилни! Неодамна починатиот великан во македонската култура Горан Стефановски во Диво Месо ќе напише: „Денес сè се купува и продава. Дури и она кое луѓето мислат нема цена. Тоа обично е и најевтино.” За жал, навистина видовме дека е така. Дека се што луѓето мислат дека нема цена всушност е најефтино. Но, сите мора едно да знаат. Да си дел од оваа младина, да си горд член на оваа организација градена од илјадници капацитетни прогресивци со желба за создавање иднина, почитувани мои сопартијци, верувајте нема цена, истакна тој.
Јаулески посочи дека Унијата на млади сили покажа и докажа дека и покрај се, е подготвена да ги надмине сите предизвици.
-Живееме во едно време кога на секој млад човек му е предизвик да се разбуди во новиот ден. Уште поголем предизвик е да го преживее денот. Да не не стигне некој залутан куршум од пријателите на Оливер Спасовски или да не ви излезе некој од автомобил додека си чекате со вашата девојка автобус, како што беше случај и со нашиот сопартиец и брат Саздо. Животот на граѓаните нема цена и ниту една желба за власт и комфор не смее да биде поважна од животот на младиот човек. Живееме во едно време каде што паметните се замолкнати од апаратот на власта и затворите се преполни со неистомислениците на СДСМ, будалите се најгласни убедувајќи не дека во државата тече мед и млеко, а над 500.000 граѓани живеат во беда и сиромаштија и уште толку едвај чекаат да се иселат, а за целото тоа време промискуитетните се богатат на грбот на граѓаните. Живееме во време кога животот кој требаше да биде донесен како нова надеж за иднината на генерациите кои што ја изгубија вербата во државата е заменет со систем кој нема никакви вредности, систем кој нема никаква иднина и систем кој е осуден на пропаст заедно со целата држава, нагласи Јаулески.
ВД претседателот на УМС посочи дека од образованието кое го ветувале, СДСМ ги научиле само една животна лекција, а тоа е никогаш повеќе да не им веруваме на партија како СДСМ на која што нема слух за никого.
-Не научија да ги препознаеме дека се најголеми лажговци и не научија зошто беа 10 години во опозиција и ќе бидат уште толку по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт. За жал, ќе бидам малку ироничен, за да се вработи некој млад и перспективен човек треба најпрвин да го посвои некој функционер на СДСМ, за дури потоа да биде вработен. Младинската гаранција која ја ветуваа за вработување за секој млад човек после завршување на образование, всушност изгледа за да ја реализираат успешно, чекаат да се иселат сите млади од државата и факултетите да бидат празни. Гаранција за вработувања имаат само децата на функционерите на СДСМ. И еве ќе речат Живееме! Далуѓе, живееме, ама како? Како да сме на некоја голема санта мраз што плови во непознат правец и секој ден станува се потенка и потенка. И еден ден ќе ја снема, а со неа и ние ќе потонеме. Секој ден се топиме и не снемува. Ние младите започнавме да живееме од вчера за денес, од денес за утре и така секој ден. Животот што дојде како да не е живот, туку пораз. Ве излажаа и вас и нас и сите останати. И за жал, ние сега живееме еден период на несреќа. Но не се откажуваме! Напротив, продолжуваме да работиме сите заедно, сплотени, да се вложиме и да ја надмнеме таа несреќа. Ќе се посетам на зборовите на големиот Иво Андриќ. „Ништо повеќе не ги зближува луѓето, од среќно преживеана несреќа.“, нагласи тој.
Јаулески посочи дека младинскиот активизам нема повеќе простор и време да биде во исчекување да оваа влада на СДСМ нешто смени на подобро, отвори и да понуди можности во Република Македонија.
-Ние немаме повеќе време да бидеме глуви и неми посматрачи на уништувањето на нашата генерација оставајќи трајни последици по иднината на оваа држава. Ние немаме друг избор освен сите заедно, сплотени, и наши и ваши, Христијани и Муслимани, од сите градови, од сите националности да се обединиме во борбата против оваа хунта од власт и да ја преживееме оваа несреќа која ни се случува во моментот и не води во пропаст. Свесен сум, почитувани пријатели, дека до пред година ипол не беше се идеално. Дека имаше и погрешни чекори и слаби решенија. Но, ние мораме да си признаеме самите себе си, дека, гласот на младите мора да биде слушнат. Секоја влада мора внимателно и со доза на страв да ги следи реакциите и мислењата на младите, студентите, средношколците и учениците. Ние мораме да пофалиме се што било добро претходно но и да признаеме се што било погрешно направено. Грешките ги воочивме и одлучни сме да примениме нови политики и решенија. Кога се работи за иднината на младите, сите одлуки мораме да ги носиме во консултација сите заедно. Покажувањето сила и надмоќ над авангардата на општеството – студентите, се покажа како лоша опција. Тоа нека биде порака до оваа Влада, рече ВД претседателот на УМС.
Тој додаде дека сакаат перспектива, иднина, здраво општество со европски вредности кои ќе ги потсетуваат зошто се стремат да бидеме дел од европското семејство.
-Во моментов сме угушени во смог во кој не можеме ниту да ја видиме перспективата, ниту да го најдеме патот за иднината, ниту пак гледаме пример на европски вредности од Владата. Ни претстои бурен период во кој ќе треба да застанеме рамо до рамо и да си ја вратиме иднината во наши раце. Иднина во која веруваме! Унијата на млади сили не ја прават поединци, ниту јас, ниту пак било кој сам. УМС ја правиме сите заедно кои веруваме во една иста и заедничка цел, која е нималку лична, туку е единствена, а тоа е иднината на оваа држава. УМС е секој оној кој мрзнел по улиците кога се бранеле интересите на државата и народот, УМС е секој оној кој ги брендирал улиците предизборно, УМС е секој оној кој славел на победите и плачел на поразите. УМС е секој оној кој се зачленил со чиста мисла и чесна намера, истакна Јаулески.
Како што рече, во УМС каде што членуваат чесни деца, нема простор за нечесни игри. УМС е поголема од сите нас и така и ќе остане.
-Нашата траекторија со актуелниот Претседател, кому би му честитал година дена дена од својот мандат, е проектирана. Претседателот Мицкоски покажа дека шансата ќе ја дава на млади луѓе во кои верува. Претседателските избори ќе бидат почеток на крајот на оваа несреќа која ја живееме заради СДСМ. Веднаш потоа ќе ги поразие на предвремени парламентарни избори. Нашата издржливост, упорност, помалку инат за штетните политики и искажаните лаги на СДСМ, нашиот пркос за подобра иднина треба да бидат мотивација за сите останати да си ја вратиме што побрзо државата кај граѓаните и ние да управуваме со нејзе така како што знаеме, со темелна работа и врвни резултати. Верувајте, ќе победиме, дециден беше предводникот на младите сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Јаулески вели дека ќе ја победат, како што рече, оваа тиранија што ги излажа младите, ќе ја преживееме оваа несреќа што ни се случи и ќе се избориме за иднината во која веруваме!
-Немаме ниту време ниту пак уште еден живот за да седиме глуви и неми на сето ова што ни се случува. Секое враќање на власт на ВМРО-ДПМНЕ почнувало токму од УМС, така ќе биде и сега! Ќе победиме, затоа што за Македонија се работи, посочи Јаулески во својот говор.