-0.2 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Рекордни 100.000 тираж на „Скопско Ехо“

Најновиот број на „Скопско Ехо“ веќе се дели низ македонската метропола, една од ударните теми е:
Јубилеен 100-ти број
НАПИШАВМЕ, ИСПЕЧАТИВМЕ И ПОДЕЛИВМЕ 3 МИЛИОНИ БЕСПЛАТНИ ВЕСНИЦИ ВО СКОПЈЕ

Секој читател кој во своите раце го има денешниот број на „Скопско ехо“ е дел од едно заедничко големо празнување на единствениот бесплатен весник во Скопје и Македонија. Со ова издание, нашиот и ваш неделник по јубилеен, 100-ти пат, се среќава и појавува со и пред своите читатели. Многумина се сомневаа дека ќе преживееме издавање на само 5 броја, но еве денеска со рекорден тираж од 100.000 примероци покажуваме дека „Скопско Ехо“ не само што преживеа туку е и неизоставен дел од животот на многу скопјани веќе две години. Тоа не може да е мала работа, посебно не во постоењето на еден неделник кој припаѓа на семејството на печатени весници кои се потешко опстојуваат на немилосрдниот медиумски пазар каде електронските медиуми се во прв план.
Стоте отпечатени изданија, од она првото издадено на 26-ти октомври 2016 година па до денешниот, се вистински повод да се каже нешто повеќе за неделникот кој на градот Скопје и на неговите граѓани им понуди сосема нов и оригинален концепт на информирање. Прво и најважно, во него главни соговорници се скопјани, а не политичари или сеприсутните „експерти“. Второ, главните теми се секогаш за Скопје, за животот и потребите на градот и скопјани, на неговите страници секогаш има место за скопски таленти, за добри идеи, за конструктивни критики…
Голема разлика во однос на другите весници е и тоа што неделникот се доставува бесплатно до поштенските сандачиња на граѓаните, скопјани можат и слободно да го земат на повеќе од 150 локации низ градот, а се дели и на плоштади, крстосници…
Првиот број се појави во тираж од 12.000 примероци, а како граѓаните почнаа да бараат примерок повеќе, така тиражот одеше во нагорна линија – 25.000, 35.000, 50.000 за јубилејниот 50-ти број, па се до невидениот до сега тираж за еден македонски неделник во кој е отпечатено денешното издание.
Кога сето тоа ќе се пресмета, излегува дека просечниот тираж e 30.000 примероци, па на граѓаните на главниот град до сега сме им поделиле дури 3.000.000 бесплатни примероци на „Скопско ехо“. Или, поилустративно кажано, до сега секој жител на Скопје во свои раце имал по пет примероци на бесплатниот неделник.
Тоа е доказ дека печатените медиуми не се мртви, како што тоа некој сака да го претстави. Горди сме што тој доказ е во нашите и вашите раце. Горди сме што го постигнуваме сето тоа иако само ние не добива субвенции од Владата. Горди сме што на наша страна се скопјани и десетина сериозни фирми кои се рекламираат кај нас…
МАЛА РЕДАКЦИЈА
Мал, тричлен, редакциски тим е јадрото кој секој четврток успева да ги создава новите изданија на неделникот. Со него раководи главниот уредник Антонио Спасев, кој е со новинарско искуство од работата во „Фокус“, ТВ „Телма“ и „Дневник“, новинарот Бранко Ѓорѓевски со искуството од весниците „Вечер“ и „Дневник“, како и техничкиот уредник Антон Власов, кој работел во „Нова Македонија“ и „Време“.
Тука е секако, и цела екипа на дистрибутери кои заедно со главниот уредник, секоја среда навечер, почнуваат со дистрибуција.

Фото

ВЕСНИК КОЈ НЕ ДОБИ ДРЖАВНА СУБВЕНЦИЈА
Колку е тежок предизвикот да се обезбеди редовно излегување на неделникот „Скопско ехо“ зборува и фактот што тој е единствен весник кој не доби субвенции од Владата на РМ наменети за помош на печатени медиуми од 50 милиони денари. „Благодарение“ на критериумите за доделување на поддршката – некој се потрудил „Скопско ехо“ да не може да влезе во кругот на оние печаени медиуми чие опстојување ќе го помага државата. Што се се крие зад ова ќе покаже времето…, но времето веќе покажа дека токму „Скопско Ехо“ успева во спасувањето на печатениот медиум од ударот на модерните медиуми. Така ќе биде и понатаму, иако Владата со пари од народот и даноци кои ги плаќа и „Скопско Ехо“, ја финансира конкуренцијата на „Скопско Ехо“.

ИНТЕРНЕТ ПОРТАЛ И МОЖНОСТ ДА СИ ИСПЕЧАТИТЕ ПРИМЕРОК
Од ноември минатата година читателите можат да го следат и електронскиот портал skopskoeho.mk на кој се пласираат дневните вести од градот, но и содржините од неделникот. Даваме можност и самите да си го испечатите.
Свое, омилено, место кај читателите најде и редовниот двонеделен прилог „Подобро здравје“, а во иднина ќе следат и нови содржини.
Активни сме и на ФБ. Такви, на пример сторијата за скопскиот Аквадукт на нашата фејсбук-станица беше читана од 71.000 граѓани…

 

 

 

 

поврзани објави

Последни објави