Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2018 даде добри резултати во интерес на граѓаните. Со него се вработени 6.374 лица од кои над 50 отсто се млади лица до 29 години, изјави на прес-конференција Јагода Шахпаска, пратеничка од СДСМ и коалицијата.
„Преку програмата за самовработување, сопствен бизнис отвориле 1.191 лице. Со мерката субвенционирање на плати вработени се 759 лица, додека преку мерката вработување и раст на правни субјекти вработени се 347 лица. Позитивни се резултатите и мерката гаранција за млади, која во претходната година како пилот-проект се спроведе во три општини, Струмица, Гостивар и Град Скопје. Само во овие три општини со оваа мерка опфатени беа 5.266 лица од кои, 1.839 лица се вработиле во период од само 4 месеци по нивното евидентирање како невработени лица“, изјави Шахпаска.