Редовното миење и чистење на забите не е доволно за да се зачува нивниот изглед и нивното здравје. Понекогаш малите секојдневни навики може да ги уништат нашите заби без ние да знаеме за тоа. Некои навики го покажуваат својот негативен ефект веднаш (кршење на забите), а некои ги уништуват забите бавно и незабележливо.
1. Употреба на забите како ножички
Многумина ги користат забите за откинување на парче селотејп, отворање на чоколадо сечење на конец… Дури и ако имате срека да не направите некое видливо оштетување на забот, ваквите постапки може да предизвикаат минијатурни пукнатини на површината и врвовите на забите. Честата употреба на забите како помошна алатка може да доведе и до нивно искривување. Не бидете мрзеливи и станете да ги побарате ножиците.
2. Четкање со употреба на преголема сила
Можеби ќе си помислите дека силното четкање на забите ќе придонесе за нивно потемелно чистење, но вистината е дека притисокот може само да им наштети на забите. Освен силното четкање, и употребата на четка со тврди влакна ја уништува забната глеѓ, ги воспалува непцата и ја зголемува чувствителноста на забите.
3. Грицкање на пенкала и моливи
Додека замислено сте навлегле во работата или во учебниот материјал, несвесно може да го ставате врвот на пенкалото или моливот во устата. Ако забележите дека имате ваква навика, веднаш обрнете ѝ внимание и искоренете ја, затоа што таа може да предизвика оштетување на забната глеѓ, поткршување и напукнување на забите. Потребен ви е дополнителен мотив да се откажете од оваа навика? Само размислете колку многу бактерии има врз површината на предметот кој вие го ставате в уста.
4. Агресивна употреба на чепкалки за заби
Чепкалките за заби се одлично помагало за отстранување на остатоците храна од тесниот простор помеѓу забите. Но, ако се користат премногу агресивно, чепкалките не само што можат да доведат до оштетување на непцата, туку можат и да предизвикаат поткршување на забите. Бидете нежни со чепкалките и никогаш не паѓајте на искушението да ги џвакате за разонода.
5. Шмукање лимон
Шмукањето парче лимон од една страна е корисно затоа што ова овошје е неверојатен извор на витамини, но од друга страна, ако се прави редовно, е многу штетно за забите. Киселоста на лимонот води до ерозија на глегта на забите и како резултат на тоа, површината на забите станува рапава. Се препорачува соковите од лимон и портокал да престојуваат колку што е можно помалку во вашата уста. Најдобро е да ги пиете со сламка.