Преглед на постигнатото од Лондон ќе биде направен во јуни, соопштија европски извори.
Брегзит ќе биде одложен до 31 октомври, а преглед на постигнувањата од Лондон ќе биде направен во јуни. Оваа одлука ќе мора да биде одобрена од првиот човек на Велика Британија Тереза Меј.
Одложувањето на датумот на заминувањето на Велика Британија од ЕУ го потврди претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск. За време на преговорите во Брисел, претседателот на Франција Емануел Макрон зазел цврст став против подолго одложување на Брегзит во момент во кој премиерот Тереза Меј лобираше пред лидерите на ЕУ за повеќе време за да се организира и добие поддршка за договорот.
Повеќето од 27-те европски лидери, кои се собраа во Брисел, вклучувајќи ја германската канцеларка Ангела Меркел, го поддржаа планот за одложување на Брегзит за една година.
Меркел вели дека Лондон треба да добие подолг период за остварување на Брегзит. Францускиот претседател Макрон поддржан од Белгија, Австрија и некои помали држави од ЕУ бара кратко одложување од само неколку недели и побара цврсти гаранции дека Лондон нема да се меша во никакви одлуки на ЕУ подолг период.
Терминот за одложување на Брегзит наиде на поддршка и од бугарскиот премиер Бојко Борисов.
Меј преговараше за развод со ЕУ минатиот ноември, но пратениците во Лондон три пати го отфрлија, принудувајќи ја да се сврти кон главната опозициска партија во обид да најде поддршка за негово усвојување од страна на Долниот дом. По пристигнувањето во Брисел, Меј истакна дека сака да ја напушти ЕУ што е можно поскоро.