До кога луѓето што живеат во близина на автобуската станица во Штип, ќе мора да ја дишат прашината и да ја трпат буката од тешката механизација, од сепарацијата на јавното претпријатие „Стипион“, која се наоѓа на истата локација? Бидејќи власта се залага за европска иднина, би сакале да прашаме, дали имаат видено во некој сериозен и нормален европски град, да има сепарација во населено место или во центарот на самиот град“, праша Борче Пачемски, претседател на ГДУ – Штип.
Наместо ова, од ГДУ прашуваат дали и кога Општината има намера да ја дислоцира механизацијата на Стипон во Новакова Чешма , кај старите воени магацини:
„На истата локација вработените во ЈП „Стипион“, би имале подобри услови за работа и проблемот со жителите би бил решен. Само да напоменеме дека ние од ГДУ не бараме виновник за проблемот туку бараме решение. Овој проблем не е партиски туку граѓански. Воздухот околу сепарацијата го дишат сите, без разлика дали се партиски определени или неопределени. Освен тоа во близина на сепарацијата има и угостителски објект“, кажа Пачемски.
На прашањата од ГДУ од Општината одговорија со писмено соопштение:
„ Општина Штип го има предвид проблемот со локацијата на ЈП „Стипион “ кај Автобуската станица. Се разгледуваат неколку можни решенија кои се погодни за дислокација на материјалите за работа на јавното претпријатие и наскоро по пронаоѓањето на погодна локација истите ќе бидат дислоцирани.
Потсетуваме дека благодарение на неодговорното работење од страна на ВМРО-ДПМНЕ беа оттуѓени старите гаражи на ЈП „Стипион “ со што јавното претпријатие е доведено во состојба да нема соодветни гаражи и простор за одлагање на материјалите за работа. “, стои во реакцијата.