Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев вечерва потврди дека се сменети генералниот секретар Александар Кирацовски, но и шестте потпретседатели и организацискиот секретар.
Љупчо Николовски кој е актуелен министер за земјоделство, шумарство и водостопансто повеќе нема да ја извршува министерската функција туку ќе премине во партијата.
-Вечерва СДСМ донесе одлуки кои ќе донесат забрзување на напредокот на земјата и подобри услови во општеството за подобар живот на сите наши граѓани, рече премиерот од пред седиштето на партијата.
Заев јавно им се заблагодари на сите функционери кои денеска престанаа да ја извршуваат својата функција во СДСМ, им се заблагодари и на тројцата секретари во партијата.
-Им благодарам на Оливер Спасовски, Фросина Ременски, Дамјан Манчевски, Петре Шилегов, Мухамед Зекири и Благојче Бочварски кажа Заев.
Тој им се заблагодари и на сите во извршниот одбор кој престанува да ја извршува оваа функција и на координаторот на форумот на жени Цветанка Ласкова.
-Тргнавме од сопствените редови, знаете дека пред неколку дена донесов одлука и за разрешување на сите претседатели на општинските организации и не е точно дека само тие се виновни за неочекуваните резултати кои ни ја донесоа победата но и ја испратија пораката дека нешто мора да менуваме-рече Заев.
Лидерот на владеачката партија истакна и дека во моментов со партијата ќе раководат претседателот на партијата, заменикот и новиот генерален секретар.
Заев потенцираше дека во следните денови ќе следи избор на новите органи и тела на партијата.