8.8 C
Skopje
Tuesday, December 10, 2024

Мицкоски ја заврши дводневната посета на Берлин: Учествуваше на конференција организирана од економскиот совет на ЦДУ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше во дводневна посета на Берлин, Сојузна Република Германија. Со него беше и членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески.

Делегацијата зема учество во програмата која е дел од високиот дијалог на фондацијата Конрад Аденауер Штифтунг и десничарската германска сестринска партија ЦДУ на Ангела Меркел. Централна тема беше гео-eкономската конкуренција и Западниот Балкан: како да се надминат предизвиците и креираат нови можности.

Во рамките на оваа програма се разговараше и за економските можности, развивање на шансите за напредок, како и европското интегрирање на регионот на Балканот, информираат од партијата.

-Мицкоски и Славески учествуваа на конференцијата организирана од економскиот совет на ЦДУ и фондацијата Конрад каде се разговараше за економските потенцијали за развој, европските интеграции и развојот на Европа и регионот на Западниот Балкан. Конференцијата ја водеше Астрид Хамкер, претседателка на економскиот совет на ЦДУ, а говореа и д-р Волфганг Шојбле, претседател на германскиот Бундестаг и поранешен министер за финансии на Германија, Роланд Кох министер претседател на германската покраина Хесе и претседател на надзорниот одбор на UBS Europe, Мамфред Вебер шеф на парламентарната група на Европската Народна Партија во Европскиот Парламент и Ралф Хамерс извршен директор на ING Group. Присуството на Конференцијата и билатералните средби со учесниците од неа, претседателот Мицкоски ги искористи за преставување на идеите од економската програма на ВМРО-ДПМНЕ која е во фаза на изработка, дискутирање за германското искуство во реализацијата на различните идеи и проекти, и отворање на канали за соработка со преставниците на германската економија. Воедно средбите беа корисни и законтакти за потенцијални германски инвеститори кои би препознале во блиска иднина потенцијал за соработка со Република Македонија, се вели во партиското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ кое беше испратено вчера.

Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека разговорите Мицкоси ги искористи за размена на мислења со едни од главните двигатели на германската економија, исклучително корисни во креирањето на економската програма на ВМРО-ДПМНЕ, развојот на политичките односи и давање на сеопфатна понуда пред граѓаните на Македонија користејќи ги најдобрите практики на германската економија и општество.

-Ваквите средби продолжуваат и во втората половина од денот каде Христијан Мицкоски и Трајко Славески ќе учествуваат на тркалезната маса посветена на сратегиите и развојот на земјите во транзиција, каде свое обраќање ќе имаат и Фредерих Мерц извршен директор на Black Rock за Германија, Џо Каесер Извршен Директор на Сименс, а ќе учествуваат и на панел дискусијата каде ќе се разговара за рамката за стабилизација на Европа каде ќе се обратат Питер Алтмаер федерален министер за економија и буџет и Гутхер Отингер Европски комесар за буџет и човечки ресурси. Во текот на денот претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во германското МНР оствари средба со Христијан Хелбах специјален претставник за Југоисточна Европа на германското министерство за надворешни работи, истакнаа од партијата.

Мицкоски се сретна и со македонските иселеници и членовите на Задграничниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Берлин, Германија.

-Дискутиравме за Македонија, за актуелната состојба и нејзината иднина. Македонците насекаде се загрижени за она што се случува во нашата земја, за уништената економија, за погазеното достоинство, за негрижата на власта кон граѓаните дома, но и кон Македонците надвор од нашата земја, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

-Картите во еден правец надвор од Македонија се најчестата алтернатива кога луѓето не ја гледаат иднината во нашата земја. Мора заеднички да се обединиме во изградбата на посветла иднина, да го искористиме сиот потенцијал за да Македонија почне да се развива, да оди со крупни чекори напред, рече Мицкоски.

Мицкоски во рамките на својата посета на Берлин и високиот дијалог кој го организира фондацијата Конрад Аденауер Штифтунг и десничарската германска сестринска партија ЦДУ, оствари билатерална средба со д-р Јан Хекер, советник на германската канцеларка Ангела Меркел за надворешна политика.

На билатералната средба се разговараше за актуелната политичко-економска состојба во Република Македонија и европските интеграции на земјава.
Во едночасовната средба лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакна дека оваа власт на Заев со ниското ниво на реализација на проекти, отсуство на реформи во клучните области, криминалот и корупцијата за жал не направи поместување кои би значело добивање на сигурен датум за преговори.

Мицкоски истакна дека поради неспособноста за менаџирање на односите и клучните процеси од страна на неодговорната Влада на Заев, не треба да бидат казнети граѓаните и во насока на поттикнување на европскиот оптимизам како и зацврстување на европската иднина на Република Македонија треба да и се додели датум за преговори.

Претседателот Мицкоски говореше и за економската стагнација како и за потребата за забрзана имплементација на реформите кои би значеле повисок стандард на граѓаните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и членот на Извршниот Комитет Славески учествуваа и на панелот организиран од Кондрад Аденауер Штифтунг каде се говореше за гео-eкономската конкуренција и интеграцијата на Западниот Балкан.

Таму свое обраќање имаше Д-р Јоаким Бертеле советник за надворешни, безбедносни и развојни политики на Германската Канцеларка Ангела Меркел кој ја водеше панел дискусијата.

Беше заклучено дека европската иднина на регионот зависи од одговорноста на политичарите, и дека Владите мора одговорно да пристапат на тој процес. Мицкоски подвлече дека во случајот со Македонија постои уште многу работа на полето за искоренување на корупцијата, криминалот и воспоставување на владеење на правото, како и економска обнова на државата.

поврзани објави

Последни објави