11.8 C
Skopje
Thursday, November 28, 2024

Артан Груби со писмо до колегите од ЕУ: Пријателски ве охрабруваме да ни дадете шанса нам и на обединета Европа

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби упати писмо до колегите од Европската унија во кое апелира да и се даде поддршка на земјата за нејзиниот европски сон со потврдување на препораката за добивање датум за почеток на преговорите во јуни.

– Датумот за нас, ни ја отвара вратата од училницата, каде што ќе треба постојано да учиме и да ги положиме 35-те испити за на крај да дипломираме. Вие пријателски нѐ охрабрувавте да покажеме лидерство и да ги решиме сите наши прашања, како што и впрочем направивме, а сега, исто така, ние пријателски ве охрабруваме да ни дадете шанса нам и на обединета Европа, вели Груби во писмото.

Додава дека определбата на државата за ЕУ членство е недвосмислена, надпартиска и потврдена и од овој состав на Собранието, со едногласно донесување на Декларацијата за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување во Европската унија, од страна на сите политички партии.

– Со ратификацијата на Преспанскиот договор во нашиот и во Грчкиот парламент, прашањето за употребата на уставното име на земјата, за среќа, успешно се затвори. Двете земји направија навистина сизифовски напори за надминување на овој билатерален спор. Истовремено, го потпишавме и Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија, со што ги потврдивме нашите заложби за негување на добрососедските односи со сите наши соседи, што е предуслов за просперитет и развој. Покрај тоа,земјата посветено работеше на реформските задачи во: судството, борбата против корупцијата, разузнавањето и реформите во безбедносните служби, како и реформите во јавната администрација, а кои ни беа посочени на ланскиот Советот на ЕУ, како клучни за добивање на датум, истакнува Груби, додавајќи дека како прилог кон писмото е доставена и листата на реформски закони донесени од страна на Собранието.

Во писмото, Груби потсетува дека земјата добила кандидатски статус во 2005 година, а во 2009 година Европската унија дала препорака за почеток на преговорите.

поврзани објави

Последни објави