Деновиве актуелно е прашањето – од каде македонскиот современ идентитет влече корени?
За тоа прашање во минатото дискутирале многу интелектуалци, историчари, политичари, новинари.
Во прилог дискусија на екс премиерот Љубчо Георгиевски кој во 2009 година во емисијата кај Миленко Неделковски вели:
Ние како нација мораме да се потпираме на некои наши авторитети. Крсте Петков Мисирков е најпотврдениот авторитет за она што се нарекува создавање на македонска нација. Целата негова теза 1903 година е многу јасна. Тој тогаш вели: „Во овој момент не постои македонска нација“. На пет места спомнува „тоа што не било за наназад, не значи дека не може да биде за нанапред“. Ајде да го цитираме таткото на македонската нација, јазик и култура. Тој во 1903 година јасно вели: Во овој момент не постои македонска нација, треба да ја направиме сега, не постои македонски јазик, треба да го направиме сега, не постои македонска православна црква, треба да ја направиме сега. Токму поради тоа Крсте Петков Мисирков ја добил титулата татко на македонската нација, јазик и култура. Тоа е 1903 година, вели Љубчо Георгиевски во тогашното гостување и притоа додава: Тоа се наши авторитети кои не можеме да ги негираме.
На секоја втора страница, па и реченица како што го цитира Георгиевски по Мисирков вели: „Македонците се словени и словените кои што живеат на таа територија на Македонија треба да ја прават таа македонска нација“.
Во истата емисија Георгиевски објаснува: Почетокот на 20 век во турската империја сите народи кон крајот на 19 век односно почетокот на 20 век добивале свои милети. Тоа значело некаква народност односно право да го именуваш името национално, сопствени школи, сопствени организации. Во целата таа империја секој што побарал му е дадено. Единствено ромите и македонците немале свој милет. 1905 година власите без востание, без ништо побарале од султанот влашки милет, султанот им дал и тоа е денес национален ден на власите. Власите веднаш потоа организираат 130 училишта во Македонија и таму каде што ги имало во Турција. 1903 има Илинденско востание, зошто никој тогаш не побарла македонски милет од востаниците, зошто воопшто претходно 30 години кога се давале милети никој од Македонија не побарал македонски милет, вели Георгиевски и притоа додава: Знаете што ми е поентата? Ние додека растевме учевме дека македонската нација е една од најмладите нации во Европа и растевме со тоа сознание. После тоа има босанска нација која е помлада, црногорци кои се исто така помлада нација. Зошто ние патиме од тој комплекс да прифатиме дека сме една од помладите нации кога аргументите јасно тоа го зборуваат. Што е тоа што не прави нас помалку македонци ако кажеме дека во граѓански смисол нашата нација потекнува од почетокот на 20 век, ако нашите корени ги гледаме во словените како сите други словенски народи на Балканот, рече Геориевски во емисијата кај Миленко Неделковски во 2009 година.
Георгиевски во ова интервју кај Неделковски вели дека знае дека со тезите е неприфатлив, но истиот смета дека е подобро на време да се оладат работите и да се биде искрен со македонскиот народ, отколку да се забега во некој правец од каде што враќањето ќе биде потешко или истото да се плати со еден потрагичен начин.
Првата книга поезија е напишана 1938 година, првиот роман на македонски јазик е напишан 1950 година. Поентата ми е дека ние почнуваме со нашиот политички и национален идентитет во тоа време во кое зборував сега. Што е страшно да се каже дека тоа е така, праша Георгиевски во 2009 година.