Видео од големо куче кое за време на комерцијален лет седи во кабина на авион на компанијата China Southern Airlines за многу кратко време стана едно од најпопуларните на социјалните мрежи, а голем број корисници се прашуваа зошто компанијата дозволила кучето да седи меѓу патниците.
Кафеавиот алјаски маламут на снимката мирно и културно си седи на своето место, но сепак, тоа е многу невообичаена глетка во патнички авион.
По многуте реакции, компанијата соопшти дека дозволила кучето да патува во кабината и да добие свое седиште, бидејќи станува збор за придружник за емоционална поддршка. Ова значи дека присуството на кучето е одобрено од лекар, иако за животното да се квалификува за ваков статус не е потребна некоја посебна обука.
Портпаролот на компанијата изјави дека животното се однесувало пристојно и дека никогаш немале проблеми со кучиња кои се емоционална поткрепа за некој од патниците. Видеото е снимено минатата година, но дури сега се појави во јавноста.
Коментарите беа поделени – некои корисници на социјалните мрежи сметаат дека на кучињата не им е местото меѓу патниците, други, пак, велат дека куче пречи помалку во споредба со бебе кое цело време плаче.