Српската интернационалка, Драгана Цвијиќ, е нова ракометарка на ЖРК Вардар. Таа со клубот потпиша двегодишен договор, а игра на позицијата пивот, што ќе допринесе дополнителен квалитет на вардарки во Лигата на шампионки.
Цвијиќ важи за еден од најдобрите пивотмени во светот и во женската лига на шампионите која зад себе веќе има два трофеи од елитното европско натпреварување. Борбена, цврста и секогаш подготвена за дуел игра Цвијиќ е еден од најдобрите дефанзивни играчи покрај која тешко може да минат ривалските играчи. Во нападот е незадржлива и снаодлива на линијата од шест метри.
„Вардар почна да го создава тимот за следните сезони, а ангажирањето на Драгана Цвијиќ е дел од намерата екипата да добие квалитетни засилувања на секоја позиција. Верувам дека со доаѓањето на Цвијиќ во нашите редови ќе имаме уште поконкурентна екипа подготвена за високи дострели. Вардар секогаш се стреми да ги има најдобрите можни играчи во своите редови, кои ќе придонесат за остварување на зацртаните клупски цели – врвот на Европа“, вели Давор Стојаноски, Извршниот директор на Вардар.
Цвијиќ во Вардар пристигнува од редовите на Будуќност, тим со кој двапати беше европски шампион во 2012 и 2015 година.