Зборот „тенис“ доаѓа од францускиот збор tene, што значи “држи, игра“. Околу 1300-тата година играта била позната под името la bud а во 14-от век се играла во цела Франција. Луј Х го загубил животот токму од настинката која ескалирала, а со која се здобил од играње на тенис. За тенисот се вели дека е кралска игра бидејќи англиските и француските кралеви прикажувале огромен интерес кон оваа игра, а подоцна Луј XIV имал и луѓе кои имале посебна задача да се грижат за неговото тениско игралиште. Како име „тенисот“ се појавува во книга објавена 1400. година.
Англискиот крал Хенри VIII во 1529 година изградил тениско игралиште во Hampton Court, на кое и денеска се игра тенис. За разлика од него, во Република Северна Македонија (во 2019 година, во 21 век) и покрај фактот што во последните 15 години се изградени над 230 спортски објекти, од кои дури над 75 тениски игралишта, за жал ретко може да се види млад човек кој ќе ги користи односно ќе спортува и ќе игра тенис. Младите повеќе се одлучуваат да играат фудбал, ракомет, кошарка, да џогираат, да пливаат и слично.
Таков е случајот и во Делчево, каде што многу ретко може да се види млад човек на изградените тениски игралишта. Впрочем, и тие кои доаѓаат велат си заминуваат поради неодговорноста на тие кои ги користат, но пред се и на надлежните кои треба да се грижат за уредувањето на просторот во и околу самото тениско игралиште. Другиот проблем кој го наведуваат како причина зошто младите не се одлучуваат да бидат присутни почесто на самите тениски терени е непознавањето на овој спорт односно начинот на кој тие можат да се надоградуваат како спортисти односно тенисери.
– Многу е лесно да земеме топче и рекет и да одиме да се обидуваме го погодиме топчето, но сепак тенисот не е лесен спорт односно ако прашате некој кој подобро е упатен во спортот како вештина ќе ви објасни дека токму тенисот е еден од најтешките спортови. Тенисот бара специјална програма со која што се совладуваат сите потребни елементи кои се потребни не само за еден тенисер, туку и за секој што сака да се занимава со спорт, а тоа нормално се, одговорноста, точноста, агилноста, координацијата, моторните способности и се разбира основните техники на движења како и сите удари во тенисот, применето со помош на тактика при игра на поени. Како јас или било кој мој врсник би го знаеле тоа ако би немале соодветен тренинг? Кога веќе изградиле тениски игралишта, требало да размислат да остварат соработка со одредени инструктори односно тренери кои нормално би ги плаќале сите оние кои сакаат да тренираат тенис, а со тоа тие би имале финансиски бенефит но и самите ние младите би добиле солидно познавање и можност за напредок во овој спорт, вели Мартин Мирчев од Делчево во изјава за „Поглед“.
Ситуацијата на терен е сосема спротивна. Уништени мрежи, искршени се столчињата на местото наменето за публика, а на теренот може да се сретнат секакви предмети. Она што ги загрижува играчите е и обраснатата трева и трње околу самото игралиште, што на овие виски температури може да придонесе да се појават животни кои се опасни, особено змии.
Како медиум односно јавно гласило, се надеваме дека надлежните институции ќе ја прифатат добронамерната критика на граѓаните и дека во најбрз можен рок ќе се зафатат со работа.