Денес над Македонија — државна химна на Македонија. Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски. Напишана е во 1941 година. По завршувањето на Втората светска војна е усвоена како химна на СР Македонија во рамките на поранешна Југославија, а по осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена и за химна на независна Македонија.
Со текот на времето текстот на химната претрпел разни промени, при што денес се познати три нејзини верзии — денешната верзија, првичната химна и првата официјална изведена химна која се разликува од првата во само еден ред. Во однос на првичниот текст од 1941 година се изоставени имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, а е додадено името на Даме Груев.
Денес над Македонија се раѓа, ново сонце на слободата, Македонците се борат, за своите правдини! Македонците се борат, за своите правдини.
Одново сега знамето се вее, на Крушевската република! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански! Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански.
Горите Македонски шумно пеат, нови песни, нови весници! Македонија слободна, слободнo живее! Македонија слободна, слободнo живее.