23.8 C
Skopje
Saturday, July 27, 2024

Новковски: Не може предмет на прифаќање да биде платформа, туку конкретен предлог за соработка

Граѓаните на Република Македонија веќе месец дена чекаат формирање на новата Влада, а во меѓувреме партиите водат преговори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, не успеа да формира Влада во предвидениот рок, а од друга страна, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не го ни доби мандатот, бидејќи претседателот на државата  му побара гаранција од 61 пратенички потпис потребни за да му го довери мандатот.

Во текот на вчерашниот ден, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан оддржа средба со лидерите на двете најголеми македонски политички партии, но и со лидерите на ДУИ, ДПА, БЕСА и Алијансата за Албанците.

Во изјава за медиумите, по средбата со Хан, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, рече дека конечната одлука ДУИ ќе ја донесе откако СДСМ ќе достави писмено дали ги прифаќа барањата од платформата.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев нагласи дека досега Ахмети лично не му побарал никакви писмени материјали, односно пишан документ за прифаќање на платформата, но доколку решил да го бара тоа, истото тоа и ќе го добие. Ваквата изјава остави простор за Заев и писмено да даде гаранција дека ја прифаќа платформата на албанските политички партии.

Во изјава за „Поглед.мк“, универзитетскиот професор на ПМФ и поранешен министер за образование, Ненад Новковски, вели дека писмениот документ за кој што зборува Ахмети не е објавен никаде. Доколку постои таков документ, тој би требал да биде поврзан со Платформата, но таа е стратегиски материјал на одредена групација на партии а не конкретен предлог за програма на Влада.

„Не може предмет на прифаќање да биде платформа, туку конкретен предлог за соработка. Со таквиот пристап Ахмети ги омаловажува Албанците од Македонија, заради тоа што во дневно – политичко пазарење за состав на конкретна Влада вметнува документ којшто е деклариран како стратегиска определба на целата заедница. Со тоа го става во ризик воопшто преговарањето на темите од платформата, со оглед на тоа дека пропаѓањето на конкретните преговори во таква поставеност би ги урнало шансите за разгледување на платформата во иднина“, вели професорот Новковски.

Професорот Новковски смета дека СеМакедонскиот национален совет „МАКЕДОНИУМ“ и новоформираното македонско патриотско здружение „Тврдокорни“ кои во изминатиот период најавуваат протести доколку се прифати платформата на албанските политички партии, се формирани од групацијата околу актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, за кое како што вели самиот тој, ја заробило партијата, а потоа и државата.

„Овие здруженија се повеќе од јасно формирани од групацијата околу актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ кое што ја зароби партијата а потоа и државата, и кое што ги спаси лицата гонети за злосторства против човечноста од постапката што се водеше. Кога тие „браќа и сестри“ ќе ни објаснат каде беа кога ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ ги забоштуваше хашките случаи, тогаш можеби некој и ќе им поверува дека не се направени за манипулации“, рече професорот Новковски.

поврзани објави

Последни објави