Премиерот Зоран Заев ја отфрли можноста да даде оставка поради скандалот со телефонските разговори со наводните Порошенко, Столтенберг…, и повтори дека бил мета на дискредитација од организирана структура.
„Немам намера да поднесам оставка, од овој процес ќе излеземе само посилни, не мислам дека треба да ја ‘стегнам‘ мојата комуникативност, сакам да разговарам да споделам информации, јас сум многу достапен, но за жал ваквата отвореност носи вакви горки чувства“, изјави Заев на прес-конференцијата во владата.
На прашањето како се дозволиле вакви разговори, Заев објасни дека се почитувани сите протоколи на поврзување, кога некој бара комуникација со премиерот и со други функционери. Според протоколот, како што рече, до него седи некој од советниците и прави записник од разговорот.
Заев не се согласува со обвинувањата дека издава државна тајна, туку вели дека само повторува ставови што и претходно се кажани.
„Не е тешко да се поврзат темите и да се води и провоцира соговорникот, на теми кои се актуелни и податливи, па дури и преокупации на личноста што е мета на ваквата организирана лажна вест“, изјави премиерот.
Одговарајќи на прашања од новинарите тој кажа дека жали за споделување на телефонските броеви.
„Нормално, кога се бара од мене да дадам број на оној за кој искрено верувам дека е претседателот на Украина и го давам. Но не гледам издавање државни тајни, туку работи што ги повторуваме секој ден“, изјави Заев.